Дубаи документи: Македонска елита со имоти во Емиратите

Дубаи документи: Македонска елита со имоти во Емиратите

Јордан Камчев, Душко Чифлиганец, Ристо Секуловски, Бобан Заев се дел од македонските државјани кои имаат имот во Дубаи, покажува најновото истражување на Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ, во соработка со глобалната мрежа на истражувачки новинари „OCCRP“ и норвешкиот медиум „Е24“.

Истражувањето покажува дека повеќе од 40 недвижни имоти во Дубаи се во сопственост на граѓани од Северна Македонија. Според истата анализа, вкупната вредност на овој имот во сопственост на македонски граѓани изнесува нешто повеќе од 15 милиони американски долари.

„Поседувањето недвижен имот во Дубаи само по себе не е доказ за погрешно постапување или криминал, но внимателно ги испитавме и идентификувавме имињата кај кои има релевантни информации за јавен интерес. Станува збор за лица кои биле политичари или се роднини или блиски пријатели на политичари во Македонија, луѓе против кои има истраги или судски пресуди, луѓе кои се под меѓународни санкции и луѓе кои го стекнале своето богатство преку прекршување на законите. Овие податоци за недвижностите на македонски државјани не ја отсликувааат нивната вкупна приватна и деловна активност. Тие може, но и не мора, да имаат и други имоти во Дубаи“, се вели во истражувањето на ИРЛ.

ИРЛ потсетува дека до 2019 година Македонците не можеа да вложуваат во недвижности надвор од државата. Со измените на Законот за девизно работење, на граѓаните и компаниите им беше овозможено легално да купуваат акции и недвижности во странство. Условот е дека имаат должност купениот имот да го пријават во регистарот за вложувања во недвижности во Централниот регистар на Северна Македонија.

Но, според информациите кои што самите лица од интерес ги споделиле со новинарите на ИРЛ, речиси сите го прекршиле законот за девизно работење со непријавување на странскиот недвижен имот, а нечии имоти биле нелегално купени кога ова со закон било забрането.

Во шестмесечната истрага за ова меѓународно истражување, репортерите од 74 медиуми во 58 држави откриле најмалку 200 осудени криминалци, бегалци, политичари обвинети за корупција или нивни соработници и санкционирани поединци кои поседувале недвижен имот во Дубаи.

Меѓународното истражување покажува како Дубаи стана еден од најголемите даночни раеви во светот, каде тајноста и годините на попустливи политики направија град каде недвижностите се запоседнати од контроверзни и проблематични сопственици.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

земјотрес

Во Берово и Пехчево почуствуван земјотрес со јачина од 3,2 степени

Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван од жителите овие подрачја, а интензитетот се движи од …