„Дупло дно“ на сцената на прилепскиот театар

„Дупло дно“ на сцената на прилепскиот театар

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се подготвува претставата „Дупло дно“, по текст од Горан Стефановски а во режија на Наташа Поплавска.

Поплавска по втор пат на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ поставува текст од Горан Стефановски чии дела, како што самата вели, за неа секогаш се предизвик.

„За мене  Стефановски сеуште е ‘жив’ и секогаш ќе биде, заради неговите дела кои се секогаш актуелни. Природно беше со прилепскиот ансамбл да имаме повторна средба со Стефановски. „Дупло дно“ е напишана 1983 година, а зборува за уметникот и неговата борба за слобода на духот, наспроти тоталитаризмот. Горан е еден од ретките уметници кој остана доследен на себе и остана да биде само и единствено уметник. Колку дна има дното, е моето прашање на кој ќе бараме одговор заедно со актерите на прилепскиот театар. Иднината за која пишува Горан за нас е сегашност, а кој знае која е иднината? Што е драма, а што е стварност? Претставата започнува во скривница, по катаклизма и Стeфановски ни посочува – ‘Ништо не е како порано. Координатите се изместија. Нема уметност. Нема култура. Нема блефови’.

Ние денес поминуваме низ пандемија, некоја нова нормалност со која се изместија координатите, а сега имаме и војна. Некои политички аналитичари велат дека сме на прагот на Трета светска војна. ‘Дупло дно’ се занимава со прашањето: Како да се биде уметник во овие матни времиња? Дуплото дно Стефановски го отвора се’ подлабоко и ни дава неколку одговори на тоа што е ‘Дупло дно’.

Овој пат работиме со помала актерска екипа: Игор Трпче, Димитар Ѓоргиевски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски и Катерина Чакмакоска. Драматург е Ивана Нелковска, музиката е дело на еден од ретките и врвни македонски уметници, Ристо Вртев кој исто како и Стефановски остана доследен на себеси да биде само уметник во овие матни времиња. Затоа во претставата покрај актерите ќе имаме и музичари на сцената. Оваа претстава ќе биде мој можен одговор на прашањата кои Горан ги задава. Имам комплетна визија за претставата и во таа смисла ќе оставам печат и преку дизајнот на сцена, костимите и сценските движења“, вели режисерката Поплавска, потенцирајќи дека и’ е задоволство да соработува со прилепскиот  театар.

Премиерата на „Дупло дно“ ќе биде во средината на мај. Претставата финансиски е поддржана од Министерството за култура.

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …