украинско знаме Украина

Двајца загинати во руски напад врз Херсон, повредено е едно дете

Русија изминатово деноноќие извршила 101 напад кон Херсон, истрелувајќи 597 гранати

Две лица загинаа, а уште 14, меѓу кои и едно дете, се повредени во руското гранатирање на Херсон, потврди локалниот гувернер Олександр Прокудин, а пренесе Гардијан.

Според Прокудин, Русија изминатово деноноќие извршила 101 напад, истрелувајќи 597 гранати.

„Руската војска ги гаѓаше станбените населби во населените области во регионот; објект и постројка кои се дел од критичната инфраструктура во Берислав, како и територија на паркот во Херсон“, напиша Прокудин на Телеграм.

Во текот на последните 24 часа, руските сили извршиле 152 напади насочени кон 22 населени места и низ регионот Запорижја, пренесе украинската новинска агенција Укринформ, повикувајќи се на објава на шефот на регионалната воена управа на Запорижја, Јуриј Малашко.

Во нападите биле уништени станбени згради и цивилна инфраструктура.

Укринформ јави и дека во раните утрински часови украинските одбранбени сили собориле шест беспилотни летала Шахед 136/131, лансирани од страна на Русија.

Дроновите биле лансирани од ’ртот Чауда во окупираниот Крим.

Инаку, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Техеран се сретна со иранскиот претседател Ебрахим Раиси. Токму Иран ѝ ги достави на Русија беспилотните летала „Шахед“ за војната во Украина.

САД соопштија дека се загрижени од „растечкото одбранбено партнерство“ меѓу Иран и Русија, што претставува ризик не само за Украина, туку и за соседите на Иран, пренесува Гардијан.

Лавров замина за Техеран набргу по патувањето во Кина и во Северна Кореја, која исто така ја снабдува Русија со оружје. Патувањата на Лавров се сметаат за руски напор да се поттикне поддршка за жалбата на Москва дека Западот се обидува да ја растури Русија.

Според официјалните соопштенија, Лавров во Техеран разговарал за енергетските и логистичките проекти со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Три бебиња жртви на рускиот напад со дрон во Одеса, прогласен е ден на жалост

Андриј Костин, генерален обвинител на Украина истакна дека во близина нема воен објект, нарекувајќи го …