„Да бидам искрена, се чувствувам како да живеам кошмар. Тешко ми е да сфатам што поминавме во изминатите две години”, вели 29-годишната Маријам Маруф Арвин во разговор со ДВ.
Таа основала хуманитарна организација за жени и деца и живее во главниот град на Авганистан, Кабул. Градот пред две години беше освоен од Талибанците.
Со повлекувањето на меѓународните сили од земјата на Талибанците експресно им успеа за само неколку недели да ја освојат цела земја. И покрај почетните ветувања дека ќе ги почитуваат женските права во шеријатот, Талибанците воведоа серија забрани кои драстично ги ограничуваат правата на девојчињата и жените кои се истиснати од општествениот живот, исклучени од пазарот на трудот и многу ограничени во слободата на движење.
Последно предупредување пред пропаста
„Не можам да разберам на што ја базираа надежта дека Талибанците се смениле или се подобриле”, вели активистката Арвин во Кабул и додава дека „нам од секогаш ни беше јасно дека сето она што сме го постигнале со Талибанците на власт повторно ќе го изгубиме. Дваесет години пред нивното преземање на власта ние активистките и претставници на граѓанското општество во Кабул организиравме пресконференција за да го свртиме вниманието на светската јавност на нашата состојба. Ние рековме да погледаат во регионите кои ги контролираа Талибанците и да видат како ги презираат женските права. Но, никој не нѐ слушаше.”
Асефи како критички настроен новинар морал да ја напушти земјата по преземањето на власта од Талибанците затоа што за себе веќе не гледал иднина таму. „Развојот во изминатите две години го засилува чувството дека земјата им беше препуштена на Талибанците. Се чини дека е сѐедно каков хаос предизвикуваат. Во најдобар случај се објавува критички став со осуда на политиката на Талибанците. Авганистанското општество е деморализирано и заморено. Економијата е уништена и преку 20 милиони лица живеат под границата на сиромаштија. Луѓето се борат за чисто преживување”, вели Асефи.
„Многумина размислуваат само како да ја напуштат земјата”, потврдува активистката за женски права Арвин од Кабул. Таа нагласува дека “е разочарана што меѓународната заедница и авганистанското општество така капитулираа. Полошо е отколку што стравував. Авганистанското граѓанско општество има силно јадро кое нема да се предаде и не треба да се потцени. Јас цврсто верувам во нас”, вели Арви.