Едноминутно молчење за македонските медиуми

Едноминутно молчење за македонските медиуми

Пишува: Зоран Милошески

Ако се суди според последниот извештај на „Репортери без граници“, според кој на Светскиот индекс за слобода на медиумите Македонија напредуваше за 33 места во однос на минатата 2021 година, тогаш денешниот Меѓународен ден на слободата на медиумите, 3.Мај, во нашата држава треба да се слави со фанфари.

Секако, радува силниот напредок во споредба со поразителните рангирања забележани пред 5, 10 или 15 години. Но, како и обично, и во овој случај има мало, или малку поголемо разидување помеѓу теоријата и праксата. Впрочем, фактот дека во дел од самото резиме на извештајот за нашата земја се вели дека „раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите“, е најдобар доказ дека место за задоволство од актуелното 57 место на Светскиот индекс за слобода на медиумите – нема!

Колку аргументи се потребни во контекст на потврда на кажаното?

На пример, како ќе се демантира непобитната вистина дека 5 години после падот на режимот, институциите и новинарските здруженија не најдоа начин да се справат со медиумите кои се сеачи на омраза и зла крв на општеството? Истите оние кои 11 години го контаминираа медиумскиот простор, кои ставајќи се во служба на режимот збеснаа од шетање по светот на сметка на државата и кои стекнаа огромен капитал пишувајќи оди за Грујо и злосторничкото здружување. Сите до еден од нив денеска, без никаков исклучок и без никаков проблем клеветат, шират лажни вести и поттикнуваат омраза. И за тоа не им фали ни влакно од главата!

За каков професионализам и за каква објективност говориме, кога во континуитет од 15 години, истите 10 „експерти“ се вртат на 5 национални телевизии, сеејќи магла и продавајќи тешка демагогија?

Што да се каже за статусот на новинарите од „провинцијата“ и за игнорантскиот однос на новинарските здруженија кон нив? Или, подобро е да се премолчи оваа тема за да не им се наруши расположението на оние кои мислат дека денешниот ден е пригоден и погоден за славење?

Треба ли воопшто да се зборува за она здание што се нарекува „национален сервис“? Како да се оправда податокот дека цели 10 години директор на МРТ е Марјан Цветковски, кој со амин на претходната и без противење на актуелната власт, си игра шенгуле со гледачите и кој телевизијата ја претвори во пропагандна алатка на ДПМНЕ? Изговорите дека неговата смена е оневозможена заради една или друга законска причина, не е ништо друго освен неподнослива леснотија на релативизирање на проблемот.

Сакале да признаеме или не, но Грујо беше единствениот кој ја разбра моќта и важноста на медиумите. Кои пак, за возврат, во голем процент придонесоа за неговото еднодецениско комотно владеење со државата. Тоа што во неговиот криминоген ум не постоеше посебен „фајл“ за слободно и независно новинарство, туку единствено за корумпирање на медиумската фела во највулгарната можна форма, беше само еден сегмент од неговата режимска матрица.

Заради неподносливиот минат и неразбирливиот сегашен однос на сите власти кон „седмата сила“, денешниот Светски ден на слободата на медиумите треба да се одбележи со затемнување на екраните и едноминутно молчење.

Оти секоја друга форма на славење на овој ден, претставува славење на чашулевци, латасовци и сличниот новинарски шљам.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …