гасоводот кон Грција

Екологистите најдоа маани на гасоводот кон Грција што земјава ќе ја ослободи од рускиот увоз

Во моментов Македонија има гасоводно поврзување единствено кон Бугарија. Доколку се случи било каков дефект на овој гасовод, земјава би била исклучена од снабдување со гас, а со тоа би било нарушено работењето на скопските топлани и на голем број индустриски капацитети, како и производството на струја и топлинска енергија од ТЕ-ТО

Се проблематизира изградбата на стратешкиот гасовод меѓу Македонија и Грција. Граѓанските организации CEE Bankwatch Network и Еко-свест поднеле три формални жалби, во кои навеле дека постојат законски прекршувања во планираниот проект за изградба на гасоводот Грција-Македонија. Првите две жалби биле упатени до Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), а третата жалба е до Секретаријатот на Енергетската заедница. Гасоводното поврзување со Грција е клучен проект за Македонија, со кој земјава ќе треба да се ослободи од зависноста од руски гас.

„Иако промовиран како начин за диверзификација на снабдувањето со гас во земјата, во реалност ќе значи значително зголемување на увозот на гас што дополнително ќе ја зголеми потрошувачката на фосилни горива и ќе донесе дополнителни промени на цените во време кога енергетскиот сектор треба да се декарбонизира, односно ослободи од фосилни горива“, се наведува во соопштението на Еко-свест.

Првите две жалби се однесуваат на гаранцијата за заемот од Европската инвестициска банка за проектот потпишана од Владата на РСМ во декември 2021 година.

„Одлуката за гаранција не била предмет на проверка од страна на Комисијата за заштита на конкуренција согласно законската регулатива, што потенцијално ја прави неважечка“, се наведува во соопштението на Еко-свест.

„Се создава сомнеж дека банката на ЕУ во Македонија не ја почитувала процедурата за одобрување гаранција за заемот. Ова ја доведува во прашање валидноста на гаранцијата и им штети на финансиските интереси на ЕУ со непотребно зголемување на веројатноста да се користат средствата на ЕУ за покривање на загубите на ЕИБ во случај на неисполнување на заемот“, изјави Пипа Галоп, координатор за политики за Југоисточна Европа од CEE Bankwatch Network.

Третата жалба до Секретаријатот на Енергетската заедница се однесува на прекршување на правилата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот, бидејќи Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија не предвидело период за спроведување на јавни консултации, сметаат од Еко-свест.

Дополнително, како што наведуваат од Еко-свест, не било објавено какво било соопштение дека се одржуваат консултации, ниту пак биле дадени детали на кој начин да се достават коментари.

„ЕБОР и ЕИБ тврдат дека не финансираат проекти кои не се во согласност со националното законодавство. Сепак, кога Владата на Република Македонија ги прекршила основните законски обврски за време на процесот на оцена на влијание врз животната средина за гасоводот, тие тоа „не го регистрираат”. Уверени сме дека Секретаријатот на Енергетската заедница ќе ги потврди нашите наводи за прекршување на законите и ќе побара процесот на јавни консултации да се спроведе соодветно на законската рамка“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Инаку, договорот за гаранција на заемот од Европската инвестициска банка беше потпишан во декември минатата година од министерот за финансии Фатмир Бесими. Од владата објаснија дека е обезбеден и дополнителен инвестициски грант од 12,4 милиони евра преку инструментот ВБИФ на Европската Унија, додека преостанатите 16,5 милиони евра ќе ги обезбеди Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Гасоводот во должина од 68 километри од Неготино до македонско-грчката граница требаше да почне со изградба годинава, а да биде завршен во 2024 година. Со оваа делница, Македонија ќе може да се поврзе со Трансјадранскиот гасовод (ТАП), но и да увезува природен гас од ЛНГ-терминалите од Турција и од идниот ЛНГ-терминал во Александрополис. Идниот интерконектор со Грција треба да обезбеди природен гас во износ од 326.000 кубни метри на час, а тоа ќе придонесе кон диверзификација на енергетските извори во државата и поширокиот регион, како и кон создавање на трансевропски енергетски мрежи.

Обезбедувањето на алтернатива на рускиот гас од „Газпром“ би била загарантирана со новиот гасовод кон Грција, но и осигурување на снабдувањето на овој енергенс, бидејќи во моментов Македонија има гасоводно поврзување единствено кон Бугарија. Доколку се случи било каков дефект на овој гасовод, земјава би била исклучена од снабдувањето со гас, а со тоа би било нарушено работењето на скопските топлани и на голем број индустриски капацитети, како и производството на струја и топлинска енергија од ТЕ-ТО.

Од друга страна, Мета.мк веќе пишуваше за ветувањата на владата за трансформација и прилагодување на термоелектрана „Неготино“ за производство на електрична енергија од природен гас. Во моментов, ТЕЦ „Неготино“ произведува електрична енергија од мазут, кој е многу поголем загадувач на воздухот во споредба со производството на струја од гас. Ова владино ветување не е исполнето до денешен ден, иако е ветено дека ќе биде имплементирано до 2024 година.

Дополнително, ползувањето на природниот гас за решавање на проблемот со работењето на термоелектраните на јаглен и нивното загадување на воздухот би можело да се надмине преку инвестирање во нови енергетски капацитети за производство на струја од гас, но за ова е потребен дополнителен увоз на овој енергенс.

Владата пролетва информираше дека има интерес од инвеститори за изградба на четврти блок во РЕК „Битола“ што би произведувал електрична енергија од гас. Исто така, за планираната гасна електрана кај Неготино, која би го заменила досегашното работење на ТЕЦ „Неготино“ на мазут, владини извори брифираа дека Србија била подготвена да потпише меморандум за изградба на оваа гасна електрана. Или поедноставено кажано, без изградбата на магистралниот гасовод меѓу Неготино и македонско-грчката граница, реализацијата на сите овие капитални проекти кои треба да обезбедат посигурна енергетска иднина на земјава би биле доведени под знак прашање.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Едни од најчестите индикатори на климатските промени се надминувањата на екстремните температурни вредности, а УХМР …