Експресниот пат Градско – Прилеп со нов рок – 2022 година

Јавното претпријатие за државни патишта на шпанскиот изведувач „Конструксионес Рубау С.А.“ му го раскина договорот за изведба на првата фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, на потегот меѓу Дреновската и Фаришката клисура. Од ова јавно претпријатие за „Мета.мк“ велат дека изведувачот неколку пати бил опоменат за исклучително ниската ефикасност.

– Поради неизвршувањето на договорните обврски согласно прифатената Програма за работа и недостасување на бараната ажурирана Програма, ЈПДП ја започна процедурата за раскинување на договорот, со одобрување на кредиторот ЕБОР – посочуваат од ЈП за државни патишта.

Од ова претпријатие веќе ги активирале банкарските гаранции, кои шпанскиот изведувач ги доставил за да може да ја изведува оваа секција од експресниот пат. Зад себе оставиле 35 отсто изведени работи од сето она што е предвидено со проектната документација. Шпанската компанија беше ангажирана за изведувач во времето на поранешната владејачка партија ВМРО – ДПМНЕ, на почетокот на 2016 година.

Од ЈП за државни патишта најпрво ќе направат анализа на досега изведените работи на трасата помеѓу Фаришката и Дреновската клисура, по што ќе се изработи новата тендерска документација. Временскиот период за објавување на тендерот и за избор на новиот изведувач, како и крајниот рок за завршување на оваа фаза од експресниот пат, допрва ќе бидат соопштени. Првата фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп опфаќа секција долга 10 километри.

За разлика од застојот во првата фаза, засега без проблеми се одвива реализацијата на втората и третата фаза од изведбата на овој експресен пат. Втората секција од Градско до Дреновска клисура има вкупна физичка реализација на терен од 20,85 отсто. Овој дел од трасата долга 16 километри се очекува да се пушти во употреба кон крајот на 2022 година.

За третата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп кон крајот на октомври ќе се распише тендер за избор за изведувач на градежните работи, под услов да нема измени во проектната документација. Градежните работи на оваа секција долга 7,58 километри се очекува да започнат во април или мај догодина, а завршувањето на нејзината изградба се предвидува за ноември 2021 година. Третата фаза ја опфаќа трасата од Прилеп до Ленишка река и од Беловодица до каменоломот на „Маврово“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …