Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на Претседателот Пендаровски, се обрати на Вториот национален форум за здравје

Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на Претседателот Пендаровски, се обрати на Вториот национален форум за здравје

Сопругата на Претседалот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на Вториот национален форум за здравје насловен „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“, којшто е во организација на Министерството за здравство, а е поддржан од Светската здравствена организација.

Во своето обраќање, Ѓоргиевска посочи дека во модерната медицина се применува грижа која е центрирана на личност којашто може да оживее преку новата визија на мрежата за примарна здравствена заштита. Таа истакна дека  со подобрување на здравјето на луѓето во заедницата може да се придонесе истото да стане реалност без разлика на возраста и социјалниот и економскиот статус на луѓето.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето:

Ми претставува особена чест да ви се обратам денес, на Вториот национален форум за здравје. Би сакала да ве поздравам и да го искажам моето задоволство што имаме можност да размениме идеи и искуства кои ќе ни овозможат понатамошно подобрување на здравствениот систем во земјава, особено оние поврзани со здравјето на мајките и на децата. Би сакала во овој контекст да се заблагодарам на Министерството за здравство и  канцеларијата на СЗО за организирањето на овој собир. Особена чест  денес е присуството на д-р Клуге, со што се искажува посветеноста на СЗО за унапредување на здравјето кај нас.

Dear dr Kluge, it is my esteemed pleasure to welcome you and I would like to express my deepest appreciation for your support and  for the continuous commitment of the WHO towards improvement of the healthcare system in our country.

Здравјето на мајките, доенчињата и на малите деца сѐ уште претставува значаен јавно-здравствен предизвик и покрај исклучителниот напредок во изминатиот период, во прв ред поради технолошкиот развој на гинеколошката и неонатолошката грижа, но и како резултат на подобрениот животен стандард.

Зајакнувањето на здравствениот систем претставува динамичен процес на сите нивоа. Сепак, сметам дека е неопходно да се даде посебен импулс  во посветувањето на вистинското место на примарната здравствена заштита. Имено, таа би требало да претставува главен столб за унапредувањето на целокупниот здравствен систем, бидејќи одговара на најважните и превалентни потреби на граѓаните и заедницата.

Верувам, сите ќе се согласиме дека нема подобра можност отколку секој член на семејството да добие здравствена услуга од здравствени работници со кои живее во истата средина и ги дели истите заложби и вредности. Примарната здравствена заштита е така поставена да може да ги разбере потребите и спецификите на секоја заедница, нивната традиција и практиките.

Треба да запаметиме, да бидеме свесни дека нема здравје без сестрите, болничарите, докторите и другите здравствени работници. Човечкиот потенцијал во примарната здравствена заштита е бесценет и треба да му се оддаде должното признание, да се инвестира во него, да му се обезбеди адекватна работна средина и почит која ја заслужува.

Иако медицинските специјалности се насочени на одредени органи или делови на телото, луѓето кои ја бараат нашата грижа се комплетни личности. Поединците кои имаат потреба од здравствена услуга без разлика дали се здрави или болни заслужуваат холистички и интерсекторски приод. Кога фокусот е на една личност и неговите/нејзините потреби, тогаш е можно да се постигне најдобар можен исход на грижата. Во тој контекст, би се осврнала и на поделбата на примарните здравствени услуги на превентивни од една и куративни од друга страна. Конкретно, проблемот со кој се соочувам секојдневно: со формирањето на превентивните стоматолошки тимови се појави јаз во примарната стоматолошка заштита кај децата токму поради одвојувањето на превентивата и куративата и голем број деца мораат да доаѓаат на стоматолошките клиники (кои се дел од терцијарната здравствена мрежа), дури и за наједноставни стоматолошки интервенции. Со промена во оваа поставеност ќе имаме посеопфатна грижа со помали економски издатоци. Тоа се однесува и на грижата за мајките и децата.

Идното здравје  на  нашите деца зависи од здравствената состојба на мајката уште пред забременувањето, но и од квалитетот на емотивната и социјалната врска меѓу мајката, но и најблиското семејство, со новороденчето по породувањето.

Она што би сакала да го потенцирам е дека неопходно е сеопфатна едукација на поединците во склоп на овој холистички пристап. Координацијата и комуникацијата меѓу здравствените работници во примарната здравствена заштита и поврзувањето со социјалните сервиси е круцијално. Тоа опфаќа координација и размена на информации меѓу лицата во примарната здравствена заштита: општите лекари, превентивните тимови и оние кои даваат грижа во домашни услови, но исто така и социјалните работници и цивилното општество и организациите на пациентите.

Едукацијата не подразбира само како да ја намалиме смртноста, туку и како да ја подобриме грижата. Таа треба да се однесува на планирањето на семејството, пред бременоста, бидејќи секоја бременост треба да биде посакувана и секое раѓање безбедно. Исто така, треба да се обрне внимание на времето, раздвоеноста и бројот на децата. Секако, посебно внимание треба да се посвети на ризичните бремености и нивното следење, правилен транспорт ин утеро и на предвремено родените бебиња, мобилни гинеколошки амбуланти, адекватна патронажна служба, правилната исхрана (поради фактот дека кај негативниот исход на бременоста исклучително влијание има БМИ). И на крај, но не и најмалку важно, продолжување со едукацијата на лицата со атипичен развој.

Грижа центрирана на личност се практицира во модерната медицина и ние може да ја оживееме преку новата визија за мрежата на примарна здравствена заштита. Целта е да се придонесе со подобрување на здравјето на луѓето во заедницата и тоа да стане реалност без разлика на возраста и социјалниот и економскиот статус на луѓето.

Затоа, неопходно е доследно спроведување на редовно ажурираните болнички протоколи, спроведување на стандарди, инвестирање во човечкиот капитал во болницата и oбуки онаму каде што се случува раѓањето.

И, она што според мене е можеби најважно, почитување на правата и желбите на мајката.

Иако овие цели кај нас во најголема мерка се веќе постигнати, бидејќи работиме посветено на Агендата 2030 и целите за одржлив развој на ОН, како и востановувањето на заложбите во планот за акција на Меѓународната конференција за популација и развој во Најроби, сепак потребно е да се направи понатамошен поттик здравствениот сектор да продолжи да прави континуирани напори со цел понатамошна промоција и заштита на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период.

Прочитајте повеќе

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Големо мнозинство од испитаниците (83,8%) рекле дека сметаат оти студентите не можат да ги си …