ЕУ ни го чисти ѓубрето од нелегалните депонии во општините во Источна Македонија

ЕУ ни го чисти ѓубрето од нелегалните депонии во општините во Источна Македонија

Во 2024 година државата ќе продолжи да го чисти создадениот отпад на територијата на следниве општини: во Кратово и во Куманово на по 10 локации, во Крива Паланка и Ранковце на по 8 локации, во Липково на 5 локации, додека во Старо Нагоричане ќе се исчистат 2 нелегално создадени ѓубришта

Најголемиот проект за чистење на нелегалните депонии во моментов се спроведува во македонските општини од Источниот и Североисточниот регион. Со финансиски средства од ЕУ, државата во моментов се занимава со чистење на создадениот отпад во неколку градови. Па така, во Пробиштип се затвораат 22 создадени ѓубришта, во Берово се затвораат 11 вакви локации, додека во Виница се затвораат 3 нелегални ѓубришта.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк велат дека во уште неколку општини се работи на чистење на локациите каде што досега се трупал отпадот, и тоа во моментов се работи во Кочани на 10 локации, во Чешиново-Облешево на 7 локации, во Делчево, Штип и Карбинци на по 5 локации, во Пехчево на 3 локации, како и во Зрновци на 1 локација.

Во 2024 година државата ќе продолжи да го чисти создадениот отпад на територијата на следниве општини: во Кратово и во Куманово на по 10 локации, во Крива Паланка и Ранковце на по 8 локации, во Липково на 5 локации, додека во Старо Нагоричане ќе се исчистат 2 нелегално создадени ѓубришта.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека на три начини се врши ремедијација на непрописно создадените депонии и ѓубришта.

„Најмалите ѓубришта ќе бидат едноставно исчистени и отпадот ќе биде однесен на друга поголема блиска непрописна депонија“, објаснуваат од ова министерство.

Непрописно создадените депонии пак ќе бидат преобликувани во своето депониско тело, односно отпадот ќе се компактира, ќе бидат прекриени со слоеви кои ќе ја вршат улогата на собирање на депонискиот гас, ќе се собира депонискиот исцедок, ќе се изгради систем за собирање на површинските води и дренажен систем, ќе се постави последен слој за раззеленување на локацијата, а околу депонијата ќе бидат поставени ограда и влезна капија со соодветна инфраструктура за пристап до местото и за земање примероци за мониторинг на квалитетот на водите и на гасот.

Обврската за одржување на исчистените локации останува понатаму да се врши од општините, а во согласност со договорот потпишан со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Дел од општинските нестандардни депонии кои се наоѓаат во Источен и Североисточен регион ќе продолжат да го примаат отпадот до завршувањето на изградбата на новата регионална депонија што ќе биде лоцирана во светиниколското село Мечкуевци. Дел од активностите за заштита на животната средина ќе бидат спроведени и кај нив, но конечното раатисување од постоечкото загадување и поплаки од граѓаните за одделни депонии ќе следи само по завршување на современата депонија во Мечкуевци.

„За конечно затворање на овие непрописни депонии предвиден е друг проект (II фаза) кој ќе се реализира по изградбата на регионалната депонија во Мечкуевци, општина Свети Николе, а планиран во рамки на ИПА III“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

За отарасување од проблемите со палењето на отпадот на одредени депонии, на загадувањето на почвите и на водите во градовите од источниот дел на земјава ќе мора да се изгради целиот регионален систем за управување со отпад, за којшто веќе се обезбедени средства од ЕУ.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека техничката и тендерската документација е во финална фаза на ревидирање од страна на нивното министерство, а по одобрувањето од страна на Министерството за финансии и од Делегацијата на ЕУ ќе биде објавен во првиот квартал од 2024 година. За доставување на понудите ќе биде определен период од минимум 90 дена, а исто толкав период ќе следи за евалуација на тендерските понуди од заинтересираните компании.

Со тендерот ќе се гради не само регионалната депонија во Свети Николе, туку и шесте претоварни станици за отпад во Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Македонска Каменица и Берово. Финалната вредност на целокупниот проект ќе се знае по завршувањето на тендерската постапка, а неговата изградба треба да започне во 2024 година.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека паралелно ќе се одвиваат градежните работи на седумте локации, а додека не се изгради целиот регионален систем нема да се пушти во работа централната инсталација за управување со отпад во Мечкуевци, каде што е лоцирано телото на депонијата, постројката за механичко-биолошки третман, пречистителната станица, линијата за селекција и другите капацитети.

Инаку, идната регионална депонија за Источен и Североисточен регион што ќе биде лоцирана кај светиниколското село Мечкуевци ќе треба да опслужува околу 370.000 жители од двата региона и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад што ги создаваат исклучиво жителите од овие македонски општини.

Овој стратешки објект ќе биде изграден според најсовремените стандарди на ЕУ, при што во Мечкуевци ќе се изгради тело на депонијата за одлагање на отпадот што целосно ќе го спречи продорот на ѓубрето и исцедокот во почвата и во водите, а ќе се елиминира и негативната пракса за било какво палење на отпадот што досега се вршеше на општинските депонии.

Дополнително, наместо да се одлага целиот отпад на самата депонија, во Свети Николе ќе има погони за секундарна селекција на собраниот отпад, како и на постројки за сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг и компостирање на градинарскиот отпад. Ова практично значи дека Македонија за првпат би добила современа фабрика за отпад по стандардите на ЕУ, во која само одреден процент од собраниот отпад од домаќинствата всушност ќе се депонира на локацијата.

(ИНТЕРВЈУ) ШУКОВА: СРАМНО Е ШТО НЕМАМЕ НИТУ ЕДНА ДЕПОНИЈА ПО ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ

РЕВИЗОРИТЕ ОТКРИЈА: ПОСТОЈНАТА ДЕПОНИЈА ВО СВЕТИ НИКОЛЕ СЕ ПАЛИ И ЈА ЗАГАДУВА ОКОЛИНАТА

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Полициска акција во затворот Идризово

Полициска акција во затворот Идризово

Во најголемиот затвор ,,Идризово” во Скопје, денеска биле извршени претреси. Од обвинителството ја потврдуваат акцијата, …