ЕУ со „стапот“ по Орбан, препорачува замрзнување на фондови од 7,5 милијарди евра

ЕУ со „стапот“ по Орбан, препорачува замрзнување на фондови од 7,5 милијарди евра

Европската Комисија (ЕК) денеска препорача да не ѝ бидат исплатени на Унгарија 7,5 милијарди евра од фондовите на ЕУ поради загриженост за владеење на правото во земјата со која владее Виктор Орбан, пренесува Јуроњуз.

Будимпешта имаше рок до 19 ноември да усвои 17 реформи за кои беше преговарано со извршната власт на ЕУ во текот на летото, со цел да се избегне замрзнувањето на фондовите од Брисел како дел од механизмот за владеење на правото.

ЕК посочува дека иако дел реформите беа преземени или се во тек, Унгарија не успеала соодветно да ги спроведе централните аспекти од неопходните 17 мерки на кои се обврза.

„Како резултат на тоа, Комисијата одлучи да го задржи својот првичен предлог од 18 септември за суспендирање на 65 отсто од средствата за три оперативни програми во рамките на политиката на кохезија, во износ од 7,5 милијарди евра“, додаваат од Европската Комисија.

Еврокомесарот за буџет Јоханес Хан тврди дека новиот механизам за условување доколку не се обезбеди владеењето на правото е „вистинската алатка за примена“, бидејќи тие реформи „никогаш немаше да се случат поинаку“.

Во меѓувреме, Европската Комисија го одобри унгарскиот план за закрепнување од ковид-пандемијата во висина од 5,8 милијарди евра, чекор што беше потребен, бидејќи Унгарија е единствената земја-членка на ЕУ на која сè уште не ѝ е одобрен планот.

Сепак, и во однос на овој план Брисел постави услови за Будимпешта и побара од унгарските власти да постигнат 27 услови, коишто како реформи треба да ги спроведат за да ги обезбедат средствата.

Овие реформски услови ја вклучуваат регулативата поврзана со владеење на правото, зајакнување на независноста на судството и нови правила за ревизија и известување во однос на фондовите од ЕУ.

Потпретседателот на Европската Комисија, комесарот Валдис Домбровскис истакна дека „суштинските одредници мора да се исполнат во целост пред Унгарија да може да поднесе барање за плаќање“.

Земјите на ЕУ како следен чекор ќе треба да гласаат дали да ги поддржат двете препораки на Европската Комисија, при што неопходно е квалификувано мнозинство за двата предлога да поминат.

Гласањата би можеле да се одржат најрано на 6 декември кога министрите за економија ќе се соберат во Брисел на состанокот на Екофин, каде што Будимпешта го блокираше усвојувањето на глобалниот корпоративен данок.

Ваквото вето за пристап до фондовите на ЕУ од Будимпешта беше оценето како уцена од други земји-членки и обиди за Унгарија да обезбеди отстапки за други случаи, како што се: поддршката за Украина и санкциите против Русија.

Запрашан од Шандор Зирош од Јуроњуз дали Унгарија би можела да се обиде да го искористи правото на вето врз планот на Европската Комисија да собере 18 милијарди евра за Украина преку издавање на заеднички долг, Хан рече дека Унгарија нема аргумент да не учествува во ова.

Финскиот европратеник Петри Сарвамаа (ЕПП), кој е член на Комитетот за буџетска контрола на Европскиот Парламент, ја поздрави одлуката на Комисијата за замрзнување на средствата како „историски момент за владеење на правото“.

„Драго ми е што Комисијата дојде до истиот заклучок како и ние во Европскиот Парламент. Сега, обврската е на земјите-членки на ЕУ да го потврдат истото. Ако парите на граѓаните на ЕУ не можат да се заштитат од неправилности, тогаш тие не може да бидат исплатени“, вели тој.

Европратениците минатата недела со големо мнозинство ја поддржаа Резолуцијата, со која се бара замрзнување на фондовите на ЕУ за Унгарија поради кршење на владеењето на правото. Ваквата одлука беше одобрена со 416 гласа „за“ и 124 „против“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …