Европскиот Парламент ќе гласа за резолуција за ситуацијата во Србија по изборите

Европскиот Парламент ќе гласа за резолуција за ситуацијата во Србија по изборите

Пратениците на Европскиот парламент (ЕП) денеска во Стразбур ќе гласаат за резолуција со која се бара независна меѓународна истрага за нерегуларностите на декемвриските парламентарни, покраински и локални избори во Србија, со посебен фокус на изборите во Белград.

Во конечниот предлог-резолуција за ситуацијата во Србија по декемвриските избори, ЕП ја повикува Европската комисија веднаш да започне со ревизија на средствата дадени на Владата на Србија во рамките на Инструментот за претпристапна помош III (ИПА III ) и други финансиски инструменти и да го суспендира финансирањето, доколку српските власти не се подготвени да ги спроведат клучните препораки поврзани со изборите или ако меѓународната истрага покаже дека тие биле директно вклучени во изборна измама.

„Европскиот парламент укажува дека одредени обвинувања, вклучително и оние за организирана миграција на гласачите на локално ниво, ги надминуваат наодите од извештајот на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и додава дека го поддржува брзото испраќање на ад хок мисија за проверка на факти во Србија, со учество на ЕП“, се наведува во предлогот што го договорија пратеничките групи.

Според конечниот предлог на резолуцијата, Европскиот Парламент ја повикува Европската Комисија да покрене иницијатива за испраќање експертска мисија во Србија со цел да се процени ситуацијата поврзана со неодамнешните избори и постизборните настани, во обид да создаде предусловите за воспоставување на потребниот социјален дијалог, со цел да се врати довербата на граѓаните во институциите и заради оценување и справување со системските прашања на владеењето на правото во Србија.

Во нацрт-резолуцијата, меѓу другото, се наведува дека Европскиот Парламент ја повторува својата позиција дека пристапните преговори со Србија треба да напредуваат само доколку таа земја постигне значителен напредок во реформите на европскиот пат, вклучително и целосно спроведување на препораките на ОБСЕ и ОДИХР и Венецијанската комисија на Советот на Европа.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Кога Фолксваген ќе кивне, Волфсбург се разболува

Кога Фолксваген ќе кивне, Волфсбург се разболува

Првпат во историјата Фолксваген планира затворање погони во Германија и масовни отпуштања. Во Волфсбург, каде …