Собрание на РСМ

Фадил Зендели разрешен од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата со 61 глас

Со 61 гласа „за“, без ниту еден против и без воздржани, Собранието денеска на 64-тата седница ја донесе одлуката за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од Движењето Беса од член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не беа присутни во собраниската сала и не гласаа.

Со ова се отвора патот да се одблокира клучната собраниска комисија преку која се именуваат функционери, а од која што се очекува да предложи четири нови уставни судии.

Традиционално, во 13-члената комисија, парламентарното мнозинство надвладува со 7 наспроти 6 членови. Фадил Зендели беше избран за член кога Беса беше дел од власта, но во ноември Беса коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица во обид да создаде ново парламентарно мнозинство.

Но, откако обидот пропадна, Алтернатива влезе во владината коалиција и стана дел од парламентарното мнозинство.

Сепак, Зендели остана член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и сега опозицијата има мнозинство таму. Зендели во декември поднесе оставка од позицијата потпретседател на Собранието и во оставката наведе дека Беса делува како опозиција.

Во денешната расправа доминираа ставовите на власта дека опозицијата три дена му се додворувала на пратеникот Фадил Зендели, кој своеволно преминал во опозиција, а беше дел од Коалицијата „Можеме“. Според СДСМ, граѓаните не сакаат предвремени избори, кога во земјава имаме енергетска, економска и ковид-криза.

Снежана Калеска – Ванчева од СДСМ рече дека три дена расправаат за одлука со која, како што рече, ќе треба да се воспостави балансот на вистинска застапеност на политичките партии во таа комисија. Таа ги праша пратениците од ВМРО-ДПМНЕ зошто сакаат да имаат мнозинство во оваа Комисија, кога, како што рече, знаете дека деловнички не ви следува.

Според неа, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не им е грижа за квалитетот на Фадил Зендели, туку знаат дека со седум гласа ќе можат да ја надгласаат власта и како што рече, „ќе можете да избирате и понатаму судии од тефтерчињата, функционери и останати кои треба да ве заштитат вас и вашата политичка опција“.

Откако работата по 64-тата седница продолжи со расправа за Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за животната средина, во второ читање, во салата влезе координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Никола Мицевски, кој побара еден час пауза и обвини дека „се демонстрира сила и надмоќ“.

Претседателот на Собранието Талат Џафери пред да прогласи едночасовна пауза рече дека амандманите се доставени и тој како претседател на Парламенот има рок од три дена да ги разгледа. Нагласи дека тој рок не е надминат, дека треба да се прегледаат сите амандмани и во дадениот рок ќе добијат соодветен одговор.

Џафери најави дека за нејзиното продолжување пратениците дополнително ќе бидат известени и најави седница за во наредните два часа за Предлог-декларација за состојбата во Украина. Тој истакна дека Декларацијата е доставена до него и апелираше пратениците да бидат достапни и да очекуваат нова седница.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Граѓани, институции, градоначалници од земјава праќаат помош за настраданите во Турција и Сирија

Додека Светската здравствена организација прогнозира дека дури 23 милиони луѓе може да бидат погодени од …