Фалсификувани банкноти од 2.000 денари се во оптек, НБРСМ со совет како да ги препознаете (фото)

Во земјава е забележана појава на фалсификувани банкноти од 2.000 денари, кои се наоѓаат во оптек. Народната банка (НБРСМ) информира дека на едноставен начин граѓаните и правните лица можат да проверат дали станува збор за фалсификат.

„Појавениот тип на фалсификат е изработен на обична (комерцијална), двослојна хартија којашто при допир значително се разликува во дебелината, цврстината и еластичноста во однос на оригиналната хартија на која се изработуваат банкнотите“, појаснуваат од НБРСМ.

Воедно, наједноставен начин да се забележи разликата меѓу оригинална и фалсификувана банкнота од 2.000 денари е основниот заштитен елемент. Тој е отпечатен со оптички варијабилна боја и се наоѓа на горниот средиштен дел на предната страна на банкнотата.

Од НБРСМ објаснуваат дека овој елемент кај фалсификуваната банкнота воопшто не ја менува бојата со придвижување на банкнотата, додека кај оригиналните банкноти, со придвижување на банкнотата под одреден агол, може да се воочи како се менува неговата боја од зелена во сина и низ елементот се појавува светлозелен прстен којшто симулира ефект на движење.

„Особено впечатлива е имитацијата на заштитниот конец, којшто е вметнат помеѓу двата слоја на хартијата со видливи засеци и со придвижување на банкнотата создава лажен впечаток на делумно менување на боите. Но, доколку се набљудува малку повнимателно јасно ќе се воочи дека е имитиран“, велат од НБРСМ.

Фалсификуваните банкноти може да се препознаат доколку се обрне внимание на водениот печат, којшто кај фалсификатите е имитиран со нанесување на основниот мотив со нијанса на жолтеникава и сива боја и е видлив, додека кај оригиналните банкноти е видлив единствено доколку ја поставиме банкнотата под извор на светлина.

Од НБРСМ ги советуваат граѓаните и правните лица, доколку забележат фалсификувана банкнота, треба да се обратат до банките или до МВР кои ќе постапат во согласност со своите надлежности.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Во рамки на одбележувањето на овој ден, во Институтот за македонски јазик ќе бидат презентирани …