Општеството потфрла во човечноста, бојкотот предизвикува болка кај децата со Даунов синдром

Од денес четвртоодделеката Ембла Адеми од Гостивар е повторно меѓу соучениците во ОУ „Башкими“. Таа не го почна второто полугодие во нејзиното одделение поради тоа што директорот Зијадин Нуредини и наставниците попуштиле под притисокот на родителите на учениците од паралелката кои се жалеле на агресивност од ова 11-годишно девојче со Даунов синдром. Ембла вчера, како што изјави нејзиниот татко Илир Адеми беше приморана да учи сама во ладна сала за приредби.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири утрово на Фејсбук соопшти дека на негово задоволство и на задоволство на нејзиното семејство, Ембла продолжува да стекнува нови знаења, да напредува и да ги развива пријателствата со своите врсници.

„Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал. Да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме. Драга Ембла, ти посакувам успех во понатамошната едукација. Застанувам позади тебе во секоја следна битка!, напиша Шаќири на својот фејсбук-профил.

Но, дискриминацијата со која се соочува Ембла предизвика бројни реакции кај активистите кои секојдневно работат за подигање на јавната свест за потребата за инклуција на децата со Даунов синдром.

„Општеството потфрла во практикување на човечноста. Различноста ја третира како спектакл без притоа да работи постојано на нејзина нормализација, во било каков аспект. Се што е друго претставува пречка, предизвикува страв, а луѓето во афект имаат стеснета свест и донесуваат неразумни одлуки. Нашето општество за жал е аномично, не постојат здрави вредности околу кои го градиме колективниот живот и се грижиме едни за други. Денес се почесто ќе чуете гледај си го своето гајле или сакај се, без притоа да размислиме дека грижата за себе почнува од другиот во чии очи можеме да се огледаме себе си“, изјави за Мета.мк Билјана Димитрова од здружението Колектив Ветерница кое со своите проекти постојано апелира за инлузија на лицата со Даунов синдром.

Разочаран е и Денис Јанкуловски, кој покрај тоа што веќе подолго време се бори за правата на децата со нетипичен развој, од неодамна е и амбасадор во борбата против говорот на омраза.

„За жал, во 21 век, кога сите сме гласни дека многу сме напреднале и дека човекот е свесно и совесно битие се соочуваме со бојкот против детенце (а не е прв дефинитивно, верувам дека ги има многу само не се обзнаени и дознаени, да прошетате по државава ќе ги дознаете) кое е различно од другите. Напредок има, да, технолошки, но изгледа свесноста е заглавена во некој дамнешен период. Ваков тип на бојкот влијае на секое дете, не мора да е со атипичен развој, болката е голема. Но познавајќи ги децата со Даунов синдром, а верувајте познавам голем број од нив со кои сме огромни другари знам дека бојкотов предизвикува огромна болка“, рече Јанкуловски.

Тој нагласи дека овие деца се искрени, добронамерни, нивните души и срца се чисти и полни со радост и љубов за секого.

„И замислете наеднаш наидуваат на огромен бедем кој за нив е неразбирлив, всушност не само за нив туку и за секој што нормално размислува. Тие, меѓу нив секако и прекрасната Ембла се пресреќни што можат да се дружат со нивни врсници, што не мора да бидат сами, отфрлени, дискриминирани. И токму затоа оваа ситуација им е чудна, иако рака на срце во нашево општество, еве и преку примерот на Ембла речиси секојдневно наидуваат на дискриминација заради…не знам заради што, веројатно заради несовесноста на останатите родители, нивниот страв од непознатото кој можат многу лесно да го совладаат само доколку ги остават своите деца да бидат деца, соученици и другари на децата со Даунов синдром“, додаде Јанкиловски.

Тој на родителите кои ја организираа петицијата против Ембла им порача преку своите деца да увидат дека Ембла е дете кое сака да оди во училиште затоа што таму и е убаво, забавно, таму е среќна, насмеана, таму учи и дознава и најважното, таму се дружи.

Според Јанкуловски, далеку сме од онаа вистинска инклузија која сите ја посакуваме и се бориме за нејзина реалност.

„Закон има, ама што ако го има ако се случува Ембла? Законот е за да ја штити нејзе а не таа и многу други да бидат обележани, можеби грубо звучи но така е. Виновници има многу, не се само родителите. Наставниците би требало да изнајдат начини како да ја смират топката, да им објаснат дека Ембла е само дете. Јасно ми е дека има доста наставници кои и оправдано потешко се снаоѓаат со атипични деца за што не се виновни, тука државата треба да интервенира преку обуки на наставниот кадар. Има многу наставници кои во ваква ситуација застануваат токму како наставници кои се втори родители за сите деца, не одвојувајќи ниедно и кои со својот став и со свесно размислување многу едноставно решаваат вакви ситуации, но факт е дека има и наставници кои одат по линија на помал отпор застанувајќи на страната на бојкотирачите, веројатно мислејќи дека и нив ќе им биде полесно, не во смисла дека не ги сакаат атипичните, но можеби токму заради таа необученост и веројатна исплашеност не можат да се снајдат односно да застанат цврсто“, порача јанкуловски.

Тој советува секој, па и наставниците и директорите на училиштата, да го надминат неоправданиот страв, кој многу лесно да го надминат преку запознавањето со овие лица, со нивните родители и да се обидат да дознаат зошто некој е таков каков што е.

„Ќе го збогатат својот живот со нови знаења, нови искуства, нивните деца ќе бидат побогати со нови искрени другарчиња а и тие ќе стекнат нови пријатели. Не треба многу, мал чекор но огромен за Прифаќање, Почитување, Сакање и Инклузија на лицата со Даунов синдром, но не само нив туку и тие со аутистичен спектар, церебрална парализа, ретки болести и уште многу други состојби и болести кои заслужуваат да бидат дел од нашето секодневие. Така ќе бидеме здраво, нормално општество каде сите ќе РАСТЕМЕ ЗАЕДНО“, нагласи Јанкуловски.

Хелсиншкиот комитет за човекови права е со сличен став, но од надлежните институции бараат конкретни санкции. Од таму, бидејќи, како што потенцираат раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска, бараат Општината Гостивар итно да го разреши директорот кој дозволил ваков развој на настаните и крајно дискриминаторски третман кон малата Ембла.

„Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат да извршат надзор во училиштето и да ги преземат сите мерки за да ја заштитат ученичката, како и да ги обезбедат сите услови за нејзина инклузија во наставата. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која веќе најави постапување по службена должност, повратно да информира за сите сознанија до кои ќе дојде при работата на овој случај“, категорични се од Хелсиншкиот комитет.

„Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас. Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија“, велат од Хелсиншки.

Според Хелсиншки комитет, санкциите и институционалниот одговор се неопходни, но не се доволни за да се искоренат дискриминаторските практики кон лицата со попреченост. Мета.мк побара одговори од Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат дали директорот и наставниците ќе бидат санкционирани, но до објавувањето на оваа вест не добивме одговр.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари за Мета.мк рече дека директорот на училиштето „Башкими“ не треба да биде санкциониран и разрешен затоа што ги обезбедил сите потребни услови за Ембла да може непречено да учи.

„Ембла била сама за да работи со дефектолог само по неколку часа. Не е точно дека постојано била издвоена од другите ученици. Јас денес бев во училиштето и разговарав со директорот кој се обврза дека ќе создаде и услови часовите кога треба да работи со дефектолог да не бидат во просторија која е изолирана од останатиот дел од училиштето, туку да биде во објектот. Ембла има и едукатор, од кој нејзините родители беа задоволни. Но, грешката е во тоа што нејзината мајка побара девојчето да ги следи часовите што ѝ се допаѓаат повеќе, наместо да ја следи наставата како што е предвидено“, рече Таравари.

„Токму затоа, сите споменати чинители мора да се вклучат во изнаоѓање решенија кои ќе спречат повторување на вакви случаи, преку континуирани советувања и обуки наменети за родители, наставници и ученици, бидејќи лекциите како ,,Тимјаник’’ очигледно се повторуваат без да се научат. Бидејќи проблемот не е и не може да биде во децата со попреченост. Проблемот е во синдромот на нечовечност кој безобѕирно се манифестира и врз најневините“, потенцираат од Хелсиншки.

Адем Идризи, кој е претседател на Здружението Хандимак во разговор со Мета.мк изјави дека Ембла една година редовно го посетувала нивниот центар каде децата се подготвуваат за училишни активности и за време на активностите не покажала агресивост.

„Ние се потресовме. Девојчето веќе една година го посетува нашиот центар во Тетово. Изненадени сме зошто ова се случи баш во Гстивар бидејќи е град во кој градоначалникот посветува внимание на вистинска инклузија. Градоначалникот ја испитува ситуацијата. Но, институциите не смеат да подлегнат на отпорот од други родители. Напротив, жално е што таткото на Ембла кој е музичар и во нашиот центар доброволно држеше часови за терапија со музика да биде оставен сам да се бори“ рече Идризи.

Тој додаде и дека наставниот кадар во име на „инклузија“ никако не смееле да го стават девојчето да учи само во сала со едукаторот и нагласи дека ваквите наставници не би требале да бидат ниту во училишен двор, а не па да работат во образовниот систем.

Според Идизи, секое дете, не само Ембла кога би било под постојан притисок би можело да изреагира бурно ако некој го навредува.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Руски агенти во мантија

Малку е познато дека и пред Васијан Змеев руските агенти во Македонија вршат непријателска дејност …