Филипче

Филипче: Не може за секој нов сој да има нови рестрикции, ситуацијата е мирна

Поради омикрон или кој и да е нов сој на коронавирусот, не може да се воведуваат дополнителни рестрикции ако ситуацијата не се влошува, рече денеска министерот за здравство во заминување Венко Филипче. Тој кажа дека нема потреба од нови мерки и дека мора да научиме да живееме со вирусот.

„Ниту сојот омикрон ниту поради кој било друг што евентуално би се открил треба да се прават некакви дополнителни рестрикции. Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација и тоа е излезот од кризата. Не можеме ние за секој еден сој, без разлика на карактеристиките, сè до оној момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки“, рече министерот.

Тој смета дека тоа што се бара задолжителна вакцинација, мерките за да не се преполнуваат затворените простории и мерките за патување се сосема доволни.

„Животот постепено се нормализира, некаде целосно е нормализиран и сметам дека овие превентивни мерки се сосема доволни“, рече тој.

Тоа што нема нови рестрикции не е товар за неговиот наследник, Беким Сали. Според него, тој ќе го преземе ресорот со огромно олеснување со оглед дека ситуацијата е мирна, а болниците се празни.

„Замислете да имаше голем број пациенти и преоптоварени ковид-центри. Сега ковид-центрите не се полни поради тоа што нема пациенти, едноставно нема приеми ниту во ковид-центрите во Скопје ниту ширум државата. Во огромен број инфективни одделенија практично и нема хоспитализирани, десетина инфективни одделенија практично се празни. Дел од пациентите кои се дијагностицирани се праќаат на домашно лекување поради тоа што имаат полесна клиничка слика. Сметам дека ситуацијата е прилично мирна, но дефинитивно Комисијата и понатаму ќе ја следи ситуацијата, ако има некаква потреба секако дека ќе се предложат мерки“, кажа Филипче.

Засега во земјава има само едне случај со омикрон, односно патникот од Велика Британија. Идната недела ќе се направи дополнителна анализа дали има и други случаи.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Едни од најчестите индикатори на климатските промени се надминувањата на екстремните температурни вредности, а УХМР …