Finance Think го објави Макроекономскиот монитор К2 2022

Finance Think го објави Макроекономскиот монитор К2 2022

Во вториот квартал од 2022, БДП се зголеми за 2.8% на годишна основа. Овој раст е сличен на динамиката од 2021 година, но е под очекуваниот, остварен е во услови на нагласена неизвесност која произлегува од руско-украинскиот конфликт, како и во услови на забрзан раст на цените. Со оваа состојба е сврзан нискиот раст во преработувачката индустрија (1.5%), како и продолжената стагнација кај градежништвото (0.2%). Од друга страна, пост-пандемиската консолидација продолжи со солидна динамика од 8.1% кај трговијата, транспортот и хотелиерството.

Извозот и увозот ја задржаа својата динамика од почетокот на годината, 14.7% и 25.2%, соодветно, додека бруто инвестициите бележат изненадувачки висок раст (46.5%), но тој е веројатно сврзан со акумулацијата на залихи во пресрет на растечките неизвесности на глобалната сцена. Стабилниот пазар на труд и растот на платите ја поддржаа приватната потрошувачка, иако со благо забавен раст (4%), додека јавната потрошувачка бележи силен пад од 7.2%, што е во линија со несразмерната реализација на буџетскиот дефицит (една четвртина за половина година).

Невработеноста во вториот квартал од 2022 понатамошно благо се намали, на 14.5% од претходните 14.8% (К1-2022). Благо подобрување бележи и вработеноста, од 47.1% на 47.3%, но нема особени знаци на значајно реактивирање на работоспособното население кое се пасивизираше во текот на пендемијата.

Во вториот квартал од 2022, инфлацијата се искачи на 12.3% на годишна основа. Овој раст на цените е скоро во целост движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но тие се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошничка, особено во делот на домување, транспорт и ресторанско-хотелски услуги.

Неизвесноста во економијата останува висока, додека видливата стагфлација во вториот квартал од 2022 ќе станува поинтензивна до крајот на годината, со зголемена веројатност од рецесија од почетокот на идната година. И покрај намалувањето на цените на храната на глобалните пазари од јуни 2022, понатамошното зголемување на цените на енергентите укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со претходните очекувања. Оттука, Finance Think надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 на 2.1% (од претходните 2.8%), додека проекцијата за годишната стапка на инфлација нагорно на 12.2% (од претходните 9.7%).

Прочитајте повеќе

Тевдовски, Узунов, Беџети, Бишев

Економски експерти со предлог решенија и политики за нов концепт на водење на економијата во државата

Вчера, се одржа јавна дискусија „Нова ера, нова надеж“ кадешто се разговараше за нов концепт …