Finance Think го објави Макроекономскиот монитор К3 2022

Finance Think го објави Макроекономскиот монитор К3 2022

Во третиот квартал од 2022, БДП се зголеми за 2% на годишна основа. Овој раст е остварен во услови на растечка неизвесност во економијата, односно забрзан раст на цените на храната и енергентите, како и значителен ризик од намалување на надворешната побарувачка. Особено погодена од овој контекст е индустријата, која во кварталот оствари пад од 1.7%, а само преработувачката индустрија пад од 2.9%, првенствено како резултат на ограничувањето на производството поради скапите енергенти.

Градежништвото, исто така, продожи да се намалува за 9.1%. Од друга страна, враќањето на претпандемиските нивоа продолжи со солидна динамика од 9.1% раст кај трговијата, транспортот и хотелиерството. Сепак, ризикот од пад на надворешната побарувачка сé уште не е значајно материјализиран, бидејќи извозот и увозот ја задржаа својата динамика на раст од 17.8% и 19.4%, соодветно, додека неизвесноста позначајно се рефлектираше кај бруто инвестициите кои бележат побавен раст од претходно (9%). Приватната потрошувачка забележа невообичаено висок раст од 5.4%, остварен во услови на пад на реалната просечна плата (од 5.3%), но поддржан од растот на минималната плата, пензиите и дознаките од странство (номинален раст од 29% на годишна основа).

Невработеноста во третиот квартал од 2022 понатамошно благо се намали, на 14.3% од претходните 14.5% (К2-2022). Вработеноста стагнира на 47.3%, па падот на невработеноста е остварен како резултат на пасивизација на населението на пазарот на трудот, што е неповолен тренд кој започна уште за време на пандемијата.

Во третиот квартал од 2022, инфлацијата забрза на 17.2% на годишна основа. Овој раст на цените и понатаму е доминантно движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но пренесените ефекти врз пошироката потрошувачка кошничка и растот на личната потрошувачка го оправдуваат монетарното затегнување кое започна во вториот квартал и неопходно налагаат поголема внимателност и рестриктивност од страна на фискалната политика.

Неизвесноста во економијата останува висока, стагфлацијата ќе се интензивара до крајот на оваа и од почетокот на идната година, додека ценовните притисоци се очекува постепено да ослабат. Оттука, Finance Think останува на проекцијата за раст на БДП во 2022 на 2.1%, додека нагорно ја ревидира проекцијата за стапката на инфлација на 13.9% (од претходните 12.2%). Проекциите за 2023 година изнесуваат: раст на БДП од 2.4%, раст на цените од 8.9%, двете со нагласена неизвесност.

Публикацијата е објавена на следниот линк

Прочитајте повеќе

Македонија времено ги прекинува исплатите на средства од ИПАРД

Македонија времено ги прекинува исплатите на средства од ИПАРД

Министерството за финансии информира дека земјава, преку органите за управување  на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на …