Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска (9.09) ќе ја посети Словенија за да изрази солидарност со земјата по поплавите и да разговара за средствата и начините за обнова по катастрофата, соопшти ЕК во Брисел.
Според кабинетот на словенечкиот премиер Роберт Голоб, Фон дер Лајен би требало да ги надлета најлошо погодените подрачја на северот на земјата. Премиерот сака политичарката од Брисел да добие впечатлива слика за катастрофата, се вели од кабинетот на Голоб.
Поради големите дождови, реките во Словенија минатата недела се излеаја од коритата. Поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикаа огромни штети. Евакуирани се села, под вода се патишта и железнички пруги, десетици мостови се разурнати, а на реката Мура пукна и брана. Премиерот Голоб првично ја процени штетата на најмалку 500 милиони евра, а во последните негови изјави зборува за штета од повеќе милијарди евра.
Во меѓувреме, соработници на германската Служба за техничка помош (ТХВ) почнаа со работа во регионот погоден од катастрофата. Во текот на оваа недела се очекува пристигнување и на ТХВ-експерти за мостови. Помош пристигнува и од Австрија, Чешка, Унгарија, Франција и други земји.
Македонската влада вчера донесе одлука за испраќање војници во хуманитарна операција во Словенија. Војниците кои ќе заминат во Словенија се дел од 2. пешадиски баталјон од 1. пешадиска бригада, четата АБХО, инженерскиот баталјон, ренџерскиот баталјон и логистичката база. Дел од нив беа ангажирани во справување со поплавите во Северна Македонија пред седум години, а припадниците од четата АБХО беа дел од мултинационалните сили на НАТО во Латвија, во рамките на словенечкиот контингент.