Како реагира западноафриканската заедница ЕКОВАС на пучот во Нигер, држава со 26 милиони жители? Актуелниот претседател на ЕКОВАС става акцент на дипломатијата, но не исклучува и воена опција.
Пред вонредниот самит на западноафриканските држави за пучот во Нигер, соседна Нигерија ја истакна надежта за дипломатско решение. Претседателот Бола Тинубу верува дека дипломатијата е „најдобар начин за напредување“ во решавањето на кризата во Нигер, рече неговиот портпарол. Нигерискиот претседател во моментов е претседател на заедницата на држави ЕКОВАС. Неговиот портпарол нагласи дека тоа е „консензуален став на шефовите на државите на ЕКОВАС“. Сепак, тој додаде дека „ниту една опција не е симната од дневен ред“. Доколку не се врати уставниот поредок на Нигер, ЕКОВАС се закани со преземање мерки кои одат до влегување со трупи.
Шефовите на државите кои се членки на ЕКОВАС планираат да се состанат во нигерискиот главен град Абуџа во четврток (10.08) за да одлучат како да продолжат натаму. На 26 јули, офицерите на Претседателската гарда во Нигер го соборија демократски избраниот претседател Мохамед Базум. Командантот на елитната единица, Абдурахман Тиани, подоцна се прогласи себеси за нов владетел. Набргу по доаѓањето на Тиани на власт, пучистите го суспендираа уставот и ги распуштија сите уставни институции.