Франција го охрабрува раздвижувањето на преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија

Франција го охрабрува раздвижувањето на преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија

Франција дава безрезервна поддршка за отварање, колку што е можно побргу, на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија, вели францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.

Франција дава безрезервна поддршка за отворање, колку што е можно побргу, на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија. Доколку во текот на билатералниот процес се постигне вистински напредок, чија што завршница ќе значи отворање на претпристапните разговори, Франција не само што е расположена да го стори тоа, туку и ќе ѝ биде чест, порача денеска во Скопје, францускиот амбасадор во С. Македонија, Сирил Бомгартнер. Тој е дециден дека францускиот став го делат сите европски институции.

Осврнувајќи се на разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел решавање на отворените прашања меѓу двете земји, францускиот амбасадор вели дека постои нов пристап во преговорите и се води интензивен дијалог на највисоко ниво.

„Во овој момент постојат билатерални разговори на кои се преговара за конкретни теми. За нас како земја која што претседава со Советот на Европската Унија, е важно да бидеме редовно информирани за сите прашања“, вели Бомгартнер.

Тој оцени дека постои добра координација меѓу европските институции и со големо внимание се следи процесот меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој во моментов се одвива во билатерални рамки.

„Француското претседавање со ЕУ го следи ова раздвижување, го охрабруваме и подготвени сме да ја преземеме својата одговорност во дадениот момент“, вели амбасадорот.  Развојот на настаните, според него, зависи од напредокот којшто ќе биде постигнат во разговорите кои се спроведуваат во рамки на сите работни групи.

„Француското претседателство со ЕУ, заедно со европските институции е подготвено, кога ќе дојде вистинскиот момент, да се постигне среќниот крај којшто го очекуваме сите“, вели Бомгартнер.

Да се заштити македонскиот јазик и идентитет 

Информација за програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија се една од точките на денешната седница на македонската Влада. Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ е дециден дека интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но главен стремеж на земјата, нагласува, се и преговорите со ЕУ.

„Интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но интерес ни е и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Сметам дека низ дијалог можеме и двата интереса да ги исполниме, рече вицепремиерот за Канал 5.

Тој додаде дека двајцата нови премири во Северна Македонија и Бугарија покажуваат желба со нова енергија и врз основа на научените лекции од изминатите години да се најде решение за сите отворени прашања.

„Ние јасно и јавно сме ги кажале нашите позиции. Собранието утврди Декларација поддржана од сите партии, кажуваме дека македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори. За останатите прашања, кои се од грижа на Бугарија ние сме подготвени да разговараме“, нагласи Маричиќ. Според него, целта е да се има позитивна комуникација и затоа се формирани работните групи кои отвораат можности и проекти за соработка и зближување во повеќе области.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Пендаровски и Џафери со честитки

Пендаровски и Џафери со честитки по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, …