Фрчкоски: Охридскиот договор е успешен, а сѐ уште „неразбран“

Фрчкоски: Охридскиот договор е успешен, а сѐ уште „неразбран“

Принципот дека нема територијални решенија за етничките права – кој првпат е јасно поддржан во Рамковниот договор, е од суштинска важност за сите идни решенија во регионот и пошироко.

Кои се придобивките од Охридскиот рамовен договор (ОРД), кои се неговите слабости, во колкава мера тој донесе нов дух на толеранција и помирување, и зошто сепак не стана извозен продукт? За овие и други аспекти на ОРД, кој во конфликтната 2001 година стана клучен стабилизирачки документ за земјата, разговаравме со професорот Љубомир Фрчкоски.

ДВ: До денес во јавноста постои конфузија во однос на тоа како да се дефинираат настаните од 2001 година, но и каков документ е Охридскиот рамковен договор?

Охридскиот Рамковен Договор е политички акт од внатрешен карактер со правни консидерации – одредби во деловите за кои сака прецизно да се дефинираат. Тој не е меѓународен договор и не е мировен договор. Меѓународен не е поради страните кои учествуваат во неговото сочинување и потпишување, и независно од силното гаранциско учество на посредници, тој во основа е внатрешен акт. Не е мировен, иако има одредби кои се однесуваат за прекин на воените дејства и регулирање на последиците од нив, бидејќи во Македонија немало ниту воена или вонредна состојба за време на конфликтот. Тој од меѓународен аспект се рангира како ниско интензивен внатрешен конфликт, во правна смисла нешто помеѓу бунт и востание.

ДВ: Сепак, силното медијаторство за разрешување на конфликтот со претставници на ЕУ и САД, говореше дека земјата со вонредни напори е вратена од работ на амбисот, дека конфликтот можеше да прерасне во нешто од кое ќе нема враќање назад, доколку не се постигнеше договор…

-Интензитетот на странското вмешување е поради важноста за мирот што Македонија го претставува за регионот во очите на странците, а не е резултат на жестокоста на судирите. Исто така странците јасно прифатија дека нема да ја легитимизираат ОНА со нејзино седнување на преговарачка маса, туку го засилија легитимитетот на албанските партии регистрирани и активни во Македонија. Странските гарантори го земаа на себе товарот на „рационализирање или артикулација“ на буновничките барања кои одеа од отворен расизам (во почетокот на судирите) во насока на агенда за човекови права. Сето тоа јасно го докажува внатрешниот карактер на Договорот и неговото зацврснувачко дејство врз унитарноста на државата.

ДВ: Вие и професорот Владо Поповски како правни експерти бевте вклучени при креирањето на решенијата на ОРД. По дистанца од две децениии, како гледате на тој документ и неговата реализација?

-Договорот има некои навистина важни и пошироки елементи: начинот на кој се реши инклузивно проблемот со употребата на албанскиот јазик во институциите; двојното, Бадинтерово гласање како некакво суспензивно вето за заштита на правата на заедниците кои не се во мнозинство; тој генерално елиминираше каков било вид територијално решение за етничките права – федерализација или кантонизација и начинот на кој се регрутираа припадници на заедниците во државната администрација; и конечно локалната самоуправа како хоризонтално демократизирање на системот кој се допираше и кон употребата на јазикот на заедниците и нивно регрутирање.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …