Заради што поуспешно извршување на подготвителните работи во функција на изработка на Идејниот и Основниот проект за изградба на секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа, денеска Општина Прилеп организираше средба со претставници на јавните институции од градот.

На средбата, присутните го искажаа своето мислење за потребите и оправданоста од имплементацијата на овој капитален проект, како и за спремноста на институциите да ги заменат постојните енергенси со природен гас.

Надворешниот соработник за гасификација на Прилеп, Кирил Настески, рече дека денешната средба е исклучително важна, бидејќи јавниот сектор заедно со индустријата и стопанството, ќе бидат првите корисници кои ќе бидат приклучени на гасоводната мрежа.

„Овој сектор е интересен и затоа што Општината е надлежна да обезбеди услови за снабдување со природен гас и таа во следниот период ќе мора да изнајде начин за промена на енергенсот кои сега го користат јавните институции, а тоа во најголем дел е нафтата. Освен што нафтата ја загадува животната средина, нејзината замена со природен гас, ќе придонесе за намалување на трошоците за преку 50%“, изјави Настески.

Како што напомена Настески, главниот транспортен гасовод наближува до Прилеп а во првата фаза ќе бидат изградени околку 20 километри примарна градска мрежа, чија вкупна вредност ќе изнесува 4 милиони евра. Гасот во Прилеп се очекува да стигне на почетокот на 2020 година, а во меѓувреме се работи на припрема на проектната документација која ќе трае скоро 7 месеци. Што се однесува до домаќинствата, во зависност од интересот и темпото на изградба на секундарната мрежа, тие на гасоводот ќе бидат сукцесивно приклучувани.

Благодет од гасификацијата, како од еколошки така и од економски аспект, очекува и директорот на Гимназијата „Мирче Ацев“, Диме Настески.

„Речиси сите училишта се со застарени системи за загревање, кои што трошат големо количество на нафта, а ниту еколошкиот аспект не е на потребното ниво. Затоа се надеваме дека во најскоро време, меѓу првите институции кои ќе бидат приклучени на гасоводната мрежа, ќе бидат училиштата“, вели Настески.

Директорот на прилепската болница „Борка Талески“, Драги Богојески, очекува дека оваа институција ќе има значителен бенефит од замената на мазутот со природен гас, односно дека со воведувањето на гасификацијата, болницата ќе заштеди големи средства при нејзиното затоплување.

„Ова е прва ваква средба, ние немаме направено некои детални пресметки за тоа колкава би била заштедата. Меѓутоа во однос на количините на мазут кои ги трошиме на годишно ниво и спрема енергетската ефикасност на гасот, за идниот период може да се пресмета колкава би била потрошувачката на гас и колкави би биле заштедите“, истакна Богојески.

Покрај евидентниот економски бенефит, употребата на природниот гас и развојот на гасификациониот систем, во голема мера ќе придонесе за намалување на емисијата на јаглен двооксид, сулфур двооксид и азотни оксиди во атмосферата, со што се заштитуваат природата и животната средина.