Германија: Повеќе стари лица, помалку работна сила - дали одење во пензија на 70 години е решение?

Германија: Повеќе стари лица, помалку работна сила – дали одење во пензија на 70 години е решение?

Германија се соочува со демографски промени. Тоа на долг рок е притисок врз пензиските фондови. Решение кое се споменува е одење во пензија на 70- годишна возраст. Но, колку е реално одржлив таквиот концепт во иднина?

Пред само неколку дена во Германија ударна вест беше „толку малку млади лица како никогаш досега”. Секое десетто лице на крајот на 2021 било на возраст од 15 до 24 години, тоа се околу 8,3 милиони луѓе. Наспроти нив има 18 милиони лица постари од 65 години. Германија е среде демографска промена. Тоа пред сѐ значи дека општеството старее. Премалку луѓе се доселуваат и премалку се раѓаат, кои би можеле да го ублажат таквиот ефект. Долгорочно тоа особено ќе се почувствува кај пензиите. Во Германија пензиите се покриваат главно преку постапка во која актуелните приходи ги покриваат пензиските расходи. Тоа значи дека лицата кои се редовно вработени и плаќаат придонеси ги финансираат со нив денешните пензионери, како што денешните пензионери тоа го правеле додека биле вработени. Таков модел се практикува во многу земји. Некои држави како на приме Шведска имаат и дополнителни акциски фондови за да остваруваат добивки. Во Германија државата веќе сега мора да доплатува буџетски средства заради покривање на пензиите.

Генерациски договор меѓу стари и млади

Таквиот модел функционира само ако има доволен број плаќачи на придонеси кои ги финансираат пензионерите – т.н. генерациски договор. И токму тоа е болната точка за нација која старее. Според пресметките на Организацијата за економска соработка и развој, во Германија веќе сега на 100 вработени лица има 37 пензионери. Бројката ќе расте во континуитет до 58 лица во 2050 година. Во други земји е уште подрастичен соодносот. Во Јапонија во истата година би можело да има 81 лице на 100 плаќачи на придонеси. Помалку погодени се земји со помладо население како Индија, но трендот веќе се наѕира и таму. Тоа значи дека или ќе се намалат пензиите, или треба да се зголемат придонесите. Или државата да дава уште поголеми субвенции за пензиските фондови. Има уште една опција која се споменува често:  пензионирање на 70- годишна возраст.  Во моментов пензионирањето во Германија постепено се поместува од 65 на 67 години.

Претседателот на здружението на работодавци „Гезамтметал”, Штефан Волф, неодамна повторно ја отвори таа тема. Особено работодавците повремено даваат вакви предлози за зголемување на возраста за одење во пензија. Предлогот најчесто не наидува на многу симпатии. „Постепено  зголемување на возраста за пензионирање  е многу непопуларна мерка. Затоа политиката такво нешто одложува сѐ додека е можно, но тоа ги одложува и олеснувачките ефекти”, вели за ДВ Јоханес Рауш од Центарот за економија на стареењето од Минхен.

Рауш смета на тоа дека порано или подоцна – веројатно подоцна – возраста за одење во пензија ќе се врзе на поголемите животни очекувања. А, според него тоа има свои предности. На пензионерите би им стоеле доволно плаќачи на придонеси на располагање и балансот ќе може да се одржи. Така пак нема да мора да се зголемуваат придонесите во голема мера, а ќе може да се исплатуваат повисоки пензии.

Германија не би била сама на тој пат. Во Организацијата за економска соработка се проценува дека во 20 од 38 земји членки ќе се зголеми возраста за одење во пензија – на 66,1 за мажи и 65,5 за жени. Во земјите во кои возраста за одење во пензија се врзуваат на животните очекувања, како на пример Данска, Италија или Естонија веќе сега се покажува дека возраста за пензионирање ќе биде повисока од наведената. Во Јапонија возраста за пензионирање ќе остане стабилна, но бројот на пензионери кои и натаму работат е посебно висок кај нив.

Älterer Dachdecker Можат ли вработените во одредени професии да работата толку долго?

Критика за старосната граница

Нема единство околу концептот за старосна граница со 70. „Не може во системот за пензии да се внимава само на финансирањето”, вели Клеменс Теш Ремер, шеф на Институтот на германскиот центар за прашања поврзани со возраста. Се работи и за тоа што се финансира и дали може да се обезбедат пензии достојни за живот. „Проблемот што го гледам на концептот пензија на 70 е тоа што има неегативни страни за лица со ниски приходи и лица со краток стаж или историја на болести”.

Лица со понизок степен на образование  умираат статистички погледнато помлади.  Подоцнежно одење во пензија за нив би значело и пократок период на користење пензија. Пред да се подига старосната граница, Теш Ремер бара да се исцрпат други опции како квалификувани доселеници, добро балансирање на професионалниот и семејниот живот и повеќе да се инвестира во добро образование за млади лица.

Дополнително на ова, во иднина администрацијата и самостојните лица треба д бидат вклучени во пензиските фондови, смета тој. Јапонија на пример посебниот пензиски фонд за административците во 2015 го припои кон општото пензиско осигурување.

Доживотно учење

Сето ова нема да влијае на Бетина Шмиткунц. За неколку дена таа ќе наполни 63 години и наскоро ќе може да оди во пензија. Иако работи како медицинска сестра на Универзитетската клиника во Нирнберг веќе 40 години и ја опишува својата работа како екстремно тешка, таа може да замисли дека ќе работи и од кога ќе се пензионира.

„Можам да зборувам само во свое име, но сѐ додека сум во добра кондиција и добро ми оди, ми треба и предизвик. Така што навистина не сакам да се повлечам во пензија од ноември и да не правам ништо.“ Таа за ДВ вели дека на ист став се и доста нејзини колеги. Сепак тоа ќе мора да биде предвидено во соодветен концепт.

„Тоа на пример може да значи дека постарите веќе нема да работат толку физичка работа. Но, тие ќе имаат, на пример, повеќе време да работат поинтензивно со учениците од стручните училишта и да им споделат знаење, нешто за што никој друг нема време во работното секојдневие.“

Ова е клучна точка и за Теш Ремер. Во едно општество во кое луѓето работат подолго, важно е да се поттикнува доживотно учење.

„Образованието мора да се одвива во сите фази од животниот век, бидејќи во иднина никој нема да остане во професијата што некогаш ја изучувал. Во иднина ќе мора многу повеќе да инвестираме во доживотно образование отколку денес“, смета тој. Пензија со 70, според Теш Ремер може да биде опција за оние кои се чувствуваат доволно физички подготвени и сакаат да работат.

Поголема флексибилност како решение

За Теш Ремер во моментов преовладуваат недостатоците во однос на старосната граница за пензионирање поврзано со очекуваниот животен век. Според него фиксната старосна граница се има докажано во пракса, но можно решение за иднината е флексибилност. „Добро е да се има јасна граница, бидејќи е лесна за комуницирање, но потребни ни се и доста дополнителни решенија. Границата за пензионирање треба да може да оди нагоре, но и надолу, за да може на луѓето кои не можат да работат до 67 години да им се обезбеди  добар живот и во староста.“

Германија сѐ уште работи на изнаоѓање решение. Пензија со 70 може, но само ако е варијабилна и приспособена на потребите на општеството кое старее и се однесува само на оние кои ќе се чувствуваат физички и ментално подготвени и кои ќе сакаат да работат и по 65 години. Многу е можно и демографските промени во Германија да ја притиснат земјата да делува побрзо на овој план.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Најмалку 19 загинати: Се урна автопат во Кина

Најмалку 19 загинати: Се урна автопат во Кина

По повеќедневни поројни дождови, планински автопат се урна во јужна Кина. Најмалку 19 лица загинаа …