настава

Гиевски – Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк

Во образованието се незадоволни од тоа што не им се почитува колективниот договор, од ниските плати, од најавените промени кои се против законот, па постои можност учебната година да почне со штрајк, вели Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат на образование и наука.

Господине Гиевски, ќе почне ли учебната година на 1 септември. Можен ли е штрајк на наставниците со оглед на тоа што ни Независниот синдикат на образование, ниту СОНК, не се задоволни со покачувањето на платите на вработените од 10 отсто?

Апсолутно станува збор за огромно незадоволство коешто преовладува во основните и средни училишта, како резултат на понудените ниски 10 проценти од страна на владата преку општиот колективен договор. Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк, ние како Независен синдикат за образование и наука активно работиме на окрупнување на силата со цел да можеме да го реализираме тој процес. Се разбира, доколку и побројниот синдикат го искористи тоа право, ние сме тука да се солидаризираме и да ги окрупниме силите за да ја оствариме таа цел. Револтот потекнува од најавените промени во секторот образование коишто не се совпаѓаат со законите. Револтот исто така е поради ниската потпросечна плата, а најголем е револтот на просветните работници поради непочитувањето на колективните договори.

Што всушност бара синдикатот?

Основната работа што ја бараме е целосно почитување на колективните договори. Колективните договори во секторот образование, оние за основно и средно образование коишто потекнуваат од 2008 година, некаде од 2013 година во целост не се почитуваат, односно не се почитува методологијата за пресметка на плата. За да биде запознаена јавноста поубаво, методологијата за пресметка на плата за вработените во секторот образование се состои од коефициент помножено со најниската плата за најнизок степен на сложеност во државата. Кај нас во секторот образование се користи најниска плата којашто е за висок процент пониска од минималната плата на државно ниво. На тој начин грубо се крши законот, незаконски се намалува платата на просветните работници и се создава ситуација просветните работници да бидат потпросечно платени, односно живееме во држава којашто е единствената во Европа каде што просветните работници се платени со почетна плата којашто е пониска од републичкиот просек.

Колкави се платите?

Наставник, стручен соработник во основно образование добива плата од 29.200 денари, а сите знаеме дека просечната плата во државата е 35.500 денари. Доколку се спроведе во целост колективниот договор, онака како што е напишан, на ист начин на којшто јавните функционери го испочитуваа законот и си ги зголемија платите за 78 проценти, почетната плата на просветните работници треба да биде 2.5 пати повисока од минималната плата. Тоа е според закон.

Се ближи 1 септември, учениците повторно нема да ги имаат сите учебници. Министерот за образование најави дека поголем дел од учениците на стартот на учебната година ќе ги добијат сите учебници, но не и учениците во трето и шесто одделение. Вие сте и наставник, како е да се предава на деца без учебници?

Реализирањето на настава без учебник е нефункционално во целост, односно учебникот е многу битна алатка во нормално функционирање на наставата, односно на воспитно-образовниот процес. Без учебник прво нема координација наставникот. Без учебник може да дојдеме во ситуација и самите ученици да имаат потешкотии, затоа што треба да ја повторат лекцијата, немаат толку време да запишуваат на часот затоа што во тетратката може да запишеме само дел од тоа што се учело на часот, но поголем дел од информациите ги има во учебниците. Да сумирам, наставата би била многу понеквалитетна од онаа настава којашто сме ја имале со учебници, затоа што и за наставниците, и за учениците тоа е многу битно помагало.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …