море плажа одмор

Гиро 4 евра а кафе 5, вилите во Грција полупразни пред почетокот на летната сезона

Клуб сендвичите се продаваат по цена од 8 до 9 евра, а хамбургер од 7 до 10 евра

„Солени“ цени во рестораните, но и попусти на некои од основните прехранбени продукти ќе ги пречекаат туристи годинава во Грција, една од најпосетуваните дестинации за македонските граѓани, пишува Порталб.мк. Но, за разлика од минатите години, оваа сезона според оценки на грчки угостители не стартува со полн ек.

На прагот на летото, голем број од сместувачките капацитети се полупразни. Она што може да се забележи се спуштените ролетни на прозорците на вилите кои се издаваат за сместување, но и затоа кафулињата се отворени. Крајот на мај е време кога минатите години туристичките капацитети биле исполнети, но гидинава, нестабилното време, студениот бран и дождовите го направија своето – апартманите се празни, а слично е и во хотелите.

„За нас во мај летото требаше веќе да биде почнато, но ние мора да бидеме подготвени. За жал туристите речиси ги нема“, вели менаџерка на хотелски комплекс.

Гостите кои сега се во Грција се од Англија, Германија, Чешка. Менаџерката вели дека тоа се туристи кои од поодамна го платиле аранжманот и морале да допатуваат. Нестабилното време веќе влијаеше и врз цените. Така, ноќевање со појадок во еден од хотелските комплекси на првиот крак на Халкидики чини 27 евра по лице.

И на плажите сликата е невообичаена за овој период од годината. По врнежлива петочна ноќ, следниот ден на морското крајбрежје се чувствува студен воздух, а има и по некој турист, но облечен во „есенска“ гардероба.

„Денеска го отворивме ресторанот. Лани во овој период имаше многу гости, почнавме да работиме на крајот на април, а сега, на крајот на мај нема гости како лани. Се надевам дека ќе успееме да надоместиме во јули, август“, вели вработен во грчки ресторан во едно од туристичките места лоцирани на Халкидики.

Цените за сместување во, за нас, најблиските туристички места во Грција варираат од зависност од близината до морето, конфорот, локацијата.

Грчка салата 8 евра, цезар – 9  

За едно грчко фрапе и едно гиро ќе платите 9 евра, кафето чини 5 евра ако го пиете покрај море, а за гирото ќе платите 4 евра. Ова се цените кои ги диктираат угостителите во најголем дел од туристичките места на Халкидики. И Грција се соочи со растечка инфлација, па во обид да ги задржат муштериите, некои од сопствениците на маркетите нудат акциски намалени цени, посебно за основните прехранбени производи.

Гиро 4 евра а кафе 5, вилите во Грција полупразни пред почетокот на летната сезона

Така, цената на брашното зависи од количината и намената. Половина килограм наменско брашно чини 0,80 центи а килограм се продава по цена од 1,45 евра до 2,30 евра. Тестенините, во зависност од видот се околу две евра. Диетални тестенини со редовна цена чинат 2 евра, а останатите основни видови на тестенини (макарони и шпагети) чинат 1,40 евра. Солта, во зависност од грамажата, се движи од 0,65 центи до 2,25 евра за килограм. Доматен сос во пакување од 250 грама се продава по цена од едно евро до 1,75 евра, половина килограм грав чини 2,35 евра, а пакување од половина килограм леќа е со цена од 1,80 евра.

Рестораните, таверните, кафетериите „држат“ речиси исто ниво на цени за храна и пијалаци, но сепак има ценовна разлика во зависност од туристичката локација. Во рестораните и таверните цена на порција салата се движи од 8 евра па нагоре. Грчката салата чини 8 евра, цезар салата 9 евра. Клуб сендвичите се продаваат по цена од 8 до 9 евра, а хамбургер од 7 до 10 евра.

Гиро 4 евра а кафе 5, вилите во Грција полупразни пред почетокот на летната сезона

Безалкохолните пијалаци, газирани сокови, чинат од 4 евра до 5 евра, пивото се продава по 5 евра, а чаша вино чини 6 евра. Најскапи се коктелите чија цена достигнува 10 евра. Цената на сите видови кафиња и ладен чај е 5 евра, а порција овошна салата 7 евра.

Порција морска храна чини од 8,50 евра (сардини) до 80 евра за 300 грама ракчиња, додека порција со парче месо со зеленчук чини од 9 до 12 евра.

Туризмот е носечка економска гранка за Грција и секој загубен ден без „девизен прилив“ од туристите значи загуба најпрво за бизнисот, а потоа и за целата економија. Угостителите се надеваат на продолжена летна сезона, која поради нестабилното време очекуваат да продолжи и во септември.

Прочитајте повеќе

Најавени нови протести во Нови Сад: Рацете ви се крвави

Најавени нови протести во Нови Сад: Рацете ви се крвави

„Рацете ви се крвави“ – оваа порака од протестите во Белград по уривањето на настрешницата …