Град Скопје одби да гради брз автобуски транспорт, со ребалансот повлечени парите за нов јавен превоз

Скопјани нема да добијат брз автобуски транспорт (БРТ) во Скопје оти градските власти одбиваат да го реализираат проектот вреден 70 милиони евра, за кој веќе се обезбедени средства преку заемот од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Инаку, претходното градско раководство во октомври лани го распиша меѓународниот тендер за изведба на првата БРТ линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, со должина од 12,81 километри.

Планирано беше овој вид на транспорт да стане алтернативен, побрз и покапацитетен јавен превоз во Скопје, кој требаше да има одвоена траса на движење по скопските булевари. Исто така, со проектот требаше да се купат нови, еколошки автобуси долги 18 метри, да се изведат 21 автобуска постојка за патниците долж целата траса, како и 2 терминала во Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Со имплементацијата на БРТ, се очекуваше времето на патување со јавниот превоз во Скопје од сегашните 70 минути, да се преполови на 35 минути.

Предвидените траси за двете линии на брз автобуски превоз во Скопје. Илустрација: Град Скопје

Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк информираат дека Градот Скопје на чело со градоначалничката Данела Арсовска, одбило да го реализира проектот за брз автобуски транспорт во Скопје, од нејасни причини, без да образложи зошто одбива да воведе нов транспортен систем со кој ќе се намалеа гужвите низ градот.

„Средствата предвидени во буџетот на Министерството за транспорт и врски се повлечени со ребалансот на буџетот кој пратениците го изгласаа во Собранието. Сè уште нејасно е зошто Град Скопје одби неповратни средства од 70 милиони евра од Владата за проект кој ќе значеше брз, безбеден и поекономичен транспортен систем за Скопјани“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Мета.мк, изминатиов петок испрати прашања и до Градот Скопје во врска со реализацијата на брзиот автобуски транспорт, но до денеска не добивме одговори на поставените прашања. Меѓу останатото, ги прашавме градските власти, што е договорено во преговорите со Европската банка за обнова и развој, за која самата градоначалничка Арсовска во јуни годинава рече дека се воделе во изминатиов период.

Градоначалничката Арсовска во изјава за медиуми во јуни годинава рече дека се водат преговори и кога тие ќе завршат ќе ја информира јавноста. Таа не кажа за што се тие преговори и дали тоа значи дека ќе го продолжи проектот за изведба на првата БРТ линија во Скопје.

„Ние активно работиме на сето она што е во интерес на граѓаните и во интерес на тоа да се реформира автобускиот систем и јавниот превоз во Скопје. Во овој момент сме во разговори и преговори, во првиот момент кога ќе имаме што да ѝ соопштиме на јавност ќе го направиме тоа“, рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање во јуни.

Мета.мк праша и дали и кога ќе се одржи замислениот референдум што го најави градоначалничката, како опција откако стапи на функцијата на крајот од минатата година, на кој граѓаните на Скопје би се определиле околу изградбата на брзиот автобуски транспорт. И на ова прашање не добивме одговор.

Инаку, откако беше распишан меѓународниот тендер во октомври лани, на 14 декември 2021, година заврши првата фаза од тендерската постапка за изградба на првата линија од брзиот автобуски превоз – БРТ од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Тендерската постапка која што беше објавена на веб-страницата на ЕБОР предвидуваше заинтересираните компании за учество на тендерот до Градот Скопје да ги достават своите претквалификациски понуди.

Но, од Градот Скопје во декември лани информираа дека тендерската постапка е стопирана и поради тоа не биле пристигнати понуди од заинтересирани компании за учество во изградбата на проектот.

Тендерот следуваше откако во април 2021 година беше потпишан договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за земање кредит од 70 милиони евра за изведба на двете БРТ линии во Скопје. Проектот за БРТ беше разгледан и позитивно оценет од ЕБОР за неговата реализација, а задолжувањето на земјава помина на гласање и кај пратениците во Собранието на РСМ.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …