ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА БИТОЛА ИМ ПОСАКА УСПЕШНА УЧЕБНА ГОДИНА НА ПРВАЧИЊАТА И ОСТАНАТИТЕ УЧЕНИЦИ
dav

ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА БИТОЛА ИМ ПОСАКА УСПЕШНА УЧЕБНА ГОДИНА НА ПРВАЧИЊАТА И ОСТАНАТИТЕ УЧЕНИЦИ

Над 760 првачиња денес ја започнаа учебната година во битолските основни училишта. Градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, заедно со генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, беа дел од првиот училишен ден на првачињата во ОУ „Стив Наумов“ во Битола. Симболично, со нагледни средства за работа, градоначалничката им посака успех во патот на школувањето на најмладите, кои возбудено ја дочекаа средбата со своите наставници.

„Првиот училишен ден е еден од најзначајните за децата и токму во оваа прилика сакам на сите првоодделенчиња во Општина Битола да им го честитам почетокот на нивното школување, да им посакам добро здравје, успех, да станат вредни и квалитетни граѓани, кои што ќе се вклопат во општествената заедница и ќе придонесат за развој на нашата земја. Им посакувам успешен почеток и на сите други ученици, на денот кога го започнуваат овогодинешното школување“, рече градоначалничката Петровска.

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, истакна дека ова акционерско друштво заедно со подружниците РЕК битола и РЕК Осломеј, активно се вклучува во почетокот на учебната година со акцент на првоодделенците.

„Симболично на најмладите им подаривме мали подароци, со пораки како да ја чуваме природата, како да ја чуваме нашата животна средина и како да се грижиме за иднината, со акцент на обновливите извори на енергија. Моето задоволство е уште поголемо, затоа што и јас бев ученик токму во ОУ „Стив Наумов“. Им посакувам среќа и успех на сите првоодделенци, на сите ученици и наставници“, посочи Ковачевски.

„Во нашето училиште денес 102 деца добија статус на првачиња. Бројот на ученици од година во година се зголемува во училиштето, ги примивме првачињата, се помина во најдобар ред и задоволни сме од соработката со заедницата“, истакна директорката на училиштето „Стив Наумов“, Дијана Христовска.

Во чест на првачињата, во дворот на училиштето се одржа приредба од нивните една година повозрасни соученици, второодделенците во ОУ „Стив Наумов“.

На новинарско прашање дали во битолските училишта се штрајкува или пак наставата се одвива нормално, Петровска го даде следниот одговор:

„Би сакала да нагласам дека токму оваа влада ги сослуша и послуша наставниците во барањето за исклучувањето на екстерното тестирање, токму оваа влада минатата година во септември им даде 5% зголемување на нивните плати, исто така иоваа школска година започнува со 5% зголемени плати на настаниците, нешто што што не се случувало со години наназад. Правото на штрајк е регулирано со закон, меѓутоа сепак како педагошки работници треба да водиме сметка дека станува збор за прво работен ден, исклуќително значаен особено за првоодделенчињата и и тој момент секој педагошки работник треба да го има во предвид. Во ОУ „Стив Наумов“ првоодделенчињата се примени онака како што доликува, а за другите училишта во  општината ќе добијам дополнителни комплетни информации, иако досега, од она што го имам како увид, учениците се примени во училиштата и се згрижени. Морам да нагласам и тоа дека независно од тоа кои се правата за кои што се борат просветните работници, секое дете мора да биде згрижено. Постои форма како треба и мора да биде згрижено“, рече Петровска.

Прочитајте повеќе

Денеска гласаат болните, затворениците и дијаспората

Денеска гласаат болните, затворениците и дијаспората

На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните …