Во јужниот австралиски град Мелбурн, еден од двата најголемите градови во Австралија, има значителен пораст на луѓе што даваат отпор на мерките за изолација и затворање во домовите поради пандемијата со ковид-19, јави Би-Би-Си.
Полициски час од 22 до 5 часот беше воведен ноќта меѓу неделата и понеделникот во петмилионскиот Мелбурн, а од неделата властите започнаа воведување на низа мерки кои, исто како и полицискиот час, ќе се спроведуваат во следните шест седмици, откако претходните мерки, како социјално дистанцирање и носење маски, кои беа повторно воведени на 22 јули, не дадоа резултати. Вчера беа затворени најголемиот дел од фирмите и продавниците, и така ќе биде најмалку до пладне в четврток.
Граѓаните може да излегуваат од дома само за купување, вежбање, за неопходна медицинска или за друга грижа или за работа на справувањето со корона вирусот. Не смее да се оддалечуваат повеќе од 5 километри од живеалиштето.
Оние што мора да бидат во изолација 14 дена, а ги искористиле сите денови за боледување, ќе добиваат надомест од 1.500 австралиски долари.
Истовремено со порастот на нови случаи, во петмилионскиот Мелбурн, расте бројот на граѓани што отворено се спротивставуваат на мерките за задолжително носење маски и останување дома, за да се спречи ширењето на вирусот. Забележани се и случаи граѓаните да напаѓаат полицајци – во еден случај жена ја удрил од земја главата на еден полицаец, соопшти полицискиот комесар Шејн Патон.
Исто така, во последната седмица, дури во четири случаи полицајците морале да кршат стакла на автомобили и да ги извлекуваат луѓето за да ги идентификуваат. Во многу случаи граѓаните им пркосат на полицајците приближувајќи се до нив, а потоа одбиваат да дадат лични исправи.
Од околу 3.000 активни случаи, при полициски проверки во домовите, не биле пронајдени дури 800 од лицата на кои им била наложена изолација.
Мелбурн е во вториот бран на напредување на епидемијата на корона вирусот и властите ги зголемуваат казните за прекршување на изолациските мерки. Дури половина од 18.300-те случаи на ковид-19 се забележани изминатиов месец во сојузната држава Викторија, чиј главен град е Мелбурн. Досега во Австралија од ковид-19 починале 226 луѓе, известува Би-Би-Си.