скопје плоштад

Граѓаните најмногу веруваат во верските заедници, а најмалку во судството, покажува анкетата на Институтот за демократија

Претседателот на државата има највисока доверба – 3.6, додека Собранието (3.4) и Владата (3.3) биле оценети речиси исто. Граѓаните, според анкетата, имаат ниска доверба и во политичките партии (3.0)

Највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници, војската и полицијата, а најниска доверба имаат обвинителството, судството и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Ова го покажува последното истражување подготвено во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Граѓаните најмногу веруваат во верските заедници, а најмалку во судството, покажува анкетата на Институтот за демократија
Фото: Принтскрин, анкета на „Програмата за парламентарна поддршка“

Теренската анкета била спроведена во периодот 22 февруари – 9 март годинава на примерок од 1.002 испитаници над 18-годишна возраст на целата територија на државата, преку методот лице в лице.

Во однос на институции во политичкиот систем, Претседателот на државата има највисока доверба – 3.6, додека Собранието (3.4) и Владата (3.3) биле оценети речиси исто. Граѓаните, според анкетата, имаат ниска доверба и во политичките партии (3.0).

Истражувањето покажува дека повеќе од две третини сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока (69%), додека најпесимистички настроени се жителите од Вардарскиот регион (80%).

Перцепцијата на доминантен дел од анкетираните граѓани (79%) е дека пратениците се целосно или делумно зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат. Според учесниците на фокус-групите постои „строга партиска хиерархија каде што повисоките елити се договараат, а другите спроведуваат“.

Малку повеќе од половина од испитаниците (52%) се согласуваат дека промената на изборниот модел може да придонесе кон намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери.

На прашањето „Доколку изборите се одржат следната недела за која партија би гласате?“, повеќе од половина од испитаниците одговориле дека не би гласале или дека не знаат за кого би гласале.

За ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 17% од испитаниците, додека за СДСМ 12%. ДУИ добила поддршка од 8% од анектираните граѓани, 4% изјавиле дека би гласале за Левица, 3% за Алијанса за Албанците, додека 1% поддршка добило Движењето Беса.

„За подобро да се разберат ставовите на граѓаните за политичарите и политичките партии, во текот на истражувањето беше употребена вежба со персонификација, при што побаравме од учесниците да поистоветат политичка партија со бренд на автомобил. Учесниците главно ги поистоветуваат сите политички партии со скапи и брзи коли, но истовремено и со автомобили кои често се расипуваат и за кои е потребен скап сервис“, се вели во публикацијата подготвена од „Социетас Цивилис“, во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) која е финансирана од Владата на Швајцарија.

Во однос на регионалните и меѓународни политички случувања, повеќе од две третини (69%) од испитаниците целосно или делумно не се согласуваат со изјавата „Етничките Бугари треба да бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија“. Значителни 54%, како што стои во анкетата, целосно не се согласуваат со оваа изјава, што е за 13 процентни поени повеќе од 2022 година (41%). Само околу една четвртина од испитаниците целосно или делумно се согласуваат со тоа етничките Бугари да бидат вклучени во Уставот.

Граѓаните вклучени во анкетата генерално сметаат дека Србија е најголем економски (69%) и безбедносен (63%) партнер на државата во регионот, по што следи Албанија, за која 15% сметаат дека најголем економски партнер на државата, додека 21%
сметаат дека е најголем безбедносен партнер.

„Граѓаните генерално не ги сметаат Косово, Грција и Бугарија како големи економски и безбедносни партнери во споредба со Србија и Албанија“, се вели во истражувањето.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано, можете да поставите брани, но тие ќе …