Центар за деца со прележан канцер

Грижа и поддршка ќе добиваат децата со прележан канцер во центарот што ќе се гради во Кучково

На површина од над 650 квадратни метри, старото училиште во Кучково ќе се адаптира во регионален центар наменет за деца кои се излекувале од канцер. Во овој простор ќе има комплетно опремени соби за престој на 20 деца со 20 родители. Сепак, треба да се има предвид дека е потребно време да се реконструира и адаптира училиштниот објект во соодветен простор наменет за овие дечиња, информираа денеска од Општина Ѓорче Петров.

„Проектот „Приказната продолжува за деца кои победиле канцер“ влегува во фаза на реализација, а истиот е поддржан од Швајцарската Агенција за развој при амбасадата на Швајцарија, Министерството за локална самоуправа и Општина Ѓорче Петров. Ова ќе биде место каде на децата со прележан канцер организирано ќе им се понуди грижа, професионална поддршка и едукација“, информираат од општината.

Целта е да им се помогне на децата не само на емоционално, психичко и физичко ниво, туку и да се вратат во образовниот процес и во новиот живот по соочувањето со канцер.

Центарот ќе биде комплетно опремен со кујна со трпезарија, комплетно опремени училници за одвивање на дигитално онлајн образование, комплетно опремени бањи и тоалети, комплетно опремена мирна соба, детско игровно катче, соба за лесни физикални вежби, соба за психо-социјални работилници, просторија за систем за ладење и греење, ТВ соба и административен дел.

Децата заедно со родителите ќе бидат вклучени во 10-дневна бесплатна програма за ресоцијализација. Вратите на овој објект ќе бидат отворени за сите дечиња од училишна возраст кои го завршиле своето болничко лекување на ЈЗУ Детска клиника – Скопје и се во ремисија и сите деца кои ќе го завршат своето лекување на клиниката, а може да доаѓаат и од соседните држави.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието по осамостојувањето

Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието по осамостојувањето

На првите повеќепартиски избори во 1990 година е избран за собраниски пратеник. Претседател на Собранието …