МНР

Грковска: Министерот треба да каже дали Ејупи е вработена во МНР

Според членот 9 од Кодексот за етичко однесување на членови на Владата, Османи е должен да одговара на прашања на јавноста за аспекти од работењето на институцијата со која раководи.

Министерот за надворешни работи има обврска да биде транспарентен и да ја информира јавноста дали таа личност е вработена во институцијата, во каква постапка и зошто е токму таа избрана за таа позиција.

Вака на прашање на ДВ одговори заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, по нетранспарентноста околу случајот со Бесмира Ејупи, кој од февруари годинава ја бранува јавноста, а кулминира овој месец со тврдење на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека тоа лице е вработено во  Министерството за надворешни работи.

Сѐ започна во февруари годинава, кога дел од медиумите објавија дека 28-годишната телевизиска презентарка на затворена седница на Владата била  предложена за генерален конзул во Њујорк,  иако немала соодветни кавалификации за таа позиција. По реакциите во јавноста, според непотврдени податоци, на друга затворена седница наводно Владата ја повлекла ваквата одлука, но надлежните тогаш тврдеа дека таков предлог немало и дека не го познаваат лицето за кое пишуваат медиумите.

Приходи за пет ангажмани

Во меѓувреме, алатката „Отворени финансии“ откри дека тоа име не било толку непознато, бидејќи фигурира како примател на јавни средства од Државното правобранителство и од 4 општини – Чаир, Сарај, Брвеница и Петровец, од каде во периодот 2021-2022 година преку 39 трансакции лицето примило хонорари во вкупна вредност од 732.593 денари.

За случајот се заинтересира ДКСК, а пред три дена опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со тврдење дека Ејупи од неодамна е вработена во МНР како соработник во одделението за правни работи, со што власта ја покажала вистинската слика за самоволието и девастацијата на македонската дипломатија.

„Бујар Османи и Димитар Ковачевски кои тврдеа дека не ја познаваат Бесмира Ејупи и кои го криеја предлогот на Владата таа да биде генерален конзул во Њујорк, сега мора да одговорат зошто Бесмира Ејупи е вработена во МНР? Дали вдомувањето во МНР и обезбедувањето на сертификат за доверливост ѝ се потребни за да може полесно да го премостат јазот и скандалот, и конечно да може да ја испратат како дипломат, конзул или амбасадор во Њујорк?“ прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Одговор од МНР не стигна. Премиерот Ковачевски порача – одговори да се бараат од ресорниот министер, но даде и своја оценка.

„Јас гледам во континуитет, и тоа што не ми се допаѓа е една висока доза шовинизам од страна на опозицијата, особено насочена кон жените, тоа во континуитет се случува и тоа не е добро“, изјави премиерот.

Ваквиот наратив наиде на критики во јавноста. Според резултатите од пописот, во земјава има речиси околу 110.000 невработени лица и најмалку 110.000 причини јавноста да бара и очекува одговор како е можно едно лице досега да „работело“ на неколку места, без да се има увид дали ги исполнува условите за тие позиции, додека други го поминуваат животниот век без можност да стигнат ни до прво работно место.

И во Надзорен одбор

И додека сѐ уште се чека одговор од МНР, во јавноста исплива уште еден податок – дека Ејупи од 11-ти мај 2021 година до 16-ти август 2022 била член во  Надзорниот одбор  на Јавното претпријатие „Железници – инфраструктура“.

Од Железници ја потврдуваат оваа информација, но потенцираат дека тие не го прават изборот, бидејќи членовите на Надзорниот одбор ги именува Владата.

Во базата на податоци на Владата, може да се види дека ова именување е направено на 69-тата седница одржана на 11-ти мај 2021 година. Во точка 95 (именувања на разни позиции) под реден број 10/1 е наведено дека Владата го разрешува Сали Салиевски од должноста член на Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ и на таа позиција ја именува Бесмира Ејупи.

Во членот 9 од „Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“ се вели дека „носителите на извршни функции одговараат неселективно, навремено и аргументирано на прашања и коментари на јавноста за сите аспекти од своето работење и работењето на својата институција“.

Ако не се добие транспарентен одговор на прашањето дали Ејупи е вработена во МНР, вицепремиерката Грковска ќе треба да преземе мерки од нејзина надлежност, согласно со етичкиот Кодекс. Она што е поважно, е надлежните институции да утврдат дали е прекршен законот.

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски најави дека ќе бара министерот Османи да реферира пред пратениците за случајот со Ејупи.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …