Таа порача дека само со обезбедување можности за обука на вработените на сите нивоа, можеме да создадеме чувство на заедничка одговорност за сајбер безбедноста.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска порачува дека заканите за сајбер безбедноста постојано еволуираат и затоа професионалците за сајбер безбедност мора да бидат опремени со најсовремени знаења и алатки за ефективно да се заштитат од нив. Таа се обрати на отворањето на конференцијата „Балкански денови за сајбер безбедност 2023“, која од денеска до 18 мај се одржува во Охрид.
Осврнувајќи се на важноста на експертските конференции, на кои се разменуваат знаења и искуства и се градат заеднички пристапи во справувањето со овој тип закани, вицепремиерката Грковска истакна дека само со обезбедување можности за обука на вработените на сите нивоа, може да се создаде чувство на заедничка одговорност за сајбер безбедноста.
„Хибридните закани се опасност со која постојано се соочуваме, што значи дека постојано мора да ја јакнеме нашата отпорност“, посочи вицепремиерката Грковска.
Од минатата година, Северна Македонија стана членка на GFCE (Global Forum on Cyber Expertise) и активно учествува во повеќе иницијативи и платформи.
Конференцијата „Балкански денови за сајбер безбедност 2023“ е во организација на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF – Geneva Centre for Security Sector Governance), Форумот за справување со инциденти и безбедносни тимови (FIRST- Forum for Incident Response and Security Teams) и MKD-CIRT – Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации.
Настанот е во рамки на проектот „Добро владеење во областа на сајбер безбедноста на Западен Балкан“, поддржан од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство. Околу 100 учесници на конференцијата ќе се стекнат со знаења за новите видови закани и трендови во сајбер безбедноста и ќе ги подобрат способностите за справување со вакви инциденти.