Грковска

Грковска: Важно да се овозможи ефикасен и координиран пристап при процесот на дигитална трансформација на општеството

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше работна средба со тимот од Естонскиот центар за меѓународен развој и претставници од Амбасадата на САД во земјава кои се дел од проектот за унапредување и дигитална трансформација на општеството, што во Република Северна Македонија се спроведува со поддршка на Естонија и САД.

На состанокот, на кој учествуваше и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, вицепремиерката Грковска информираше за тековните процеси поврзани со дигиталната трансформација на општеството кои се спроведуваат во нашата држава, со посебен акцент на воведувањето на електронска лична карта, носење на закон за архивско работење и поголемо развивање на платформата за интероперабилност. Нагласи дека е многу важно да се овозможи ефикасен и координиран пристап при процесот на дигитална трансформација на општеството кој ќе даде брзи резултати, но истовремено ќе се обезбеди оптимизиација на процесите и подобрување на јавните услуги.

На состанокот вицепремиерката Грковска потенцираше дека со воведувањето на електронската лична карта е-услугите ќе се поедностават и ќе бидат подостапни за граѓаните, а нивното користење најпрво ќе се овозможи за е-услугите во образованието, здравството, како и за услугите што ги даваат Министерството за економија и за труд и социјална политика.

Експертите од Естонскиот центар за меѓународен развој, предводени од Кадри Масик извршна директорка, ќе бидат вклучени како поддршка при подготовка и предлагање решенија за подобрување на правната рамка на политики и институционалната рамка за дигитализација, со посебен акцент на воведувањето на електронска лична карта, размена на експертиза и искуство во однос на моделите за интероперабилност и дигитализација на јавните услуги, и помош при развој и спроведување на посебни ИТ-решение.

На состанокот беше потенцирано дека од исклучително значење за Република Северна Македонија е сите проекти кои, преку странски партнери се реализираат во земјава, да бидат меѓусебно координирани и комплементарни, за да не дојде до преклопување, но и за да се зголеми нивната ефикасност.

Прочитајте повеќе

Владата му го одзеде државјанството на украинецот Онишченко

Владата на денешната седница одлучи да се поништи одлуката за прием на Олександр Онишченко во …