ХЕРА: Момчињата и мажите потешко ги изразуваат своите емоции и поретко бараат помош кога им е потребна

ХЕРА: Момчињата и мажите потешко ги изразуваат своите емоции и поретко бараат помош кога им е потребна

Ова води до тешкотии во изразување и разбирање на своите чувства, што може да резултира со ментални здравствени проблеми. Потребно е да се промени оваа културна норма преку едукација и поддршка, беше истакнато на дискусијата

Мажите и момчињата потешко ги изразуваат своите емоции и поретко бараат помош кога им е потребна. Во нашата култура често се промовира идејата за „силен маж“ – маж кој не зборува за своите емоции, маж кој не плаче и самиот ги решава своите проблеми.

Овој стереотип создава огромен притисок и ги спречува мажите да ги споделат своите чувства и да побараат поддршка, беше истакнато на панел-дискусијата на тема „Грижата за себе и менталното здравје кај момчињата и мажите“ што во организација на ХЕРА се одржа вчера во Студентскиот културен центар (СКЦ).

„Според повеќето истражувања, врсничкото насилство меѓу момчињата е сè поголемо, младите имаат сериозни предизвици со менталното здравје, податоците кои ја опишуваат сликата за менталното здравје на момчињата и мажите кај нас укажуваат од неопходноста за дебата и акција на оваа тема во општеството“, велат од ХЕРА.

Програмската координаторка од ХЕРА, Весна Матевска даде осврт на програмата за поддршка на мажи и момчиња, за која рече оти е дизајнирана да биде достапна и пријателска, со фокус на доверливост и поддршка.

„Нудиме бесплатни услуги и промовираме отворена комуникација за да ги охрабриме мажите да побараат помош“, истакна Матевска.

Психологот и експерт за стрес и анксиозност Кирил Тројачанец, на панел-дискусијата рече дека мажите често се учат да ги потиснуваат своите емоции од рана возраст.

„Ова води до тешкотии во изразување и разбирање на своите чувства, што може да резултира со ментални здравствени проблеми. Потребно е да се промени оваа културна норма преку едукација и поддршка”, рече Тројачанец.

Ленче Алексовска-Величковска, која е спортски психолог, истакна дека најчестите заблуди се оти мажите не треба да покажуваат слабост, дека барањето помош е знак на неуспех и оти емоционалното изразување е за жените.

„Овие стереотипи можат да доведат до сериозни ментални здравствени проблеми“, додаде таа.

За време на настанот, ХЕРА го претстави ММ – центарот за поддршка и советување на момчиња и мажи, кој овозможува бесплатни советувања и поддршка со психотерапевти и психолози за момчиња и мажи. Советувањата ќе се спроведуваат со физичко присуство или преку виртуелни канали. Центарот ќе биде отворен за услуги во вторник, среда и четврток од 10 до 17 часот, а термините може да се закажат на телефонскиот број 070-299-026, на мејл viktor.buchkovski@hera.org.mk, или пак на Инстаграм страницата @man.mind.skopje.

„Со овој настан и со новоотворениот центар, сакаме да испратиме јасна порака: барањето помош не е знак на слабост, туку на сила и храброст. Молкот не е одговор за сите твои проблеми. Секој маж заслужува да има пристап до поддршка и ресурси кои ќе му помогнат да го живее својот живот на најдобар можен начин“, велат од ХЕРА.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Со просек над 3,00 учениците во дуални паралелки ќе добиваат месечна стипендија од 3.500 денари

Со просек над 3,00 учениците во дуални паралелки ќе добиваат месечна стипендија од 3.500 денари

Уписите во средно образование, согласно конкурсот што го објави Министерството за образование и наука (МОН) …