загадување скопје

И денеска високо загадување на воздухот, Скопје 10-ти најзагаден град во светот

Веќе неколку дена по ред, Скопје се наоѓа на листата на 10-те најзагадени градови во светот. Со US AQI индекс на квалитет на воздухот од 170, македонскиот главен град претпладнево се најде на 10-тата позиција на најзагадени градови. Црвениот аларм за нездрав воздух веќе неколку дена е вклучен на веб-страницата IQAir.

Претпладнево во Скопје загрижувачко загадување има на речиси сите мерни места во Скопје на апликацијата „Мој воздух“. Многу загаден или екстремно загаден воздух се појавува насекаде на мапата на „Мој воздух“, а главен причинител на високото аерозагадување е присуството на ПМ-10 честички во воздухот.

Прагот на алармирање поради екстремните среднодневни концентрации на ПМ-10 честички беше вклучен во саботата за Скопје од Министерството за животна средина и просторно планирање, а во моментов прагот на алармирање е воведен и во Тетово и Струмица.

Според податоците од веб-страницата на Државниот миниторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух, мерните станици во Скопје покажуваат загрижувачки квалитет на воздухот, особено во Центар и Лисиче. Па така, прагот на алармирање бил надминат на 23, 24 и 25 декември на мерните станици Центар, Лисиче и Ректорат. Алармантно присуство на ПМ-10 честички од 315,4 микрограми на метар кубен било измерено во Центар на 24 декември, што е за над шест пати над среднодневната гранична вредност од 50 микрограми на метар кубен која се смета за граница на нездравиот воздух.

Во Скопје и денеска на сила е мерката за бесплатен јавен превоз за граѓаните, а останува на сила и препораката граѓаните да не ги користат своите возила и да не допринесуваат повеќе во загадувањето преку согорување на прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал.

Од Градот Скопје и од Општина Центар информираат дека инспекциските служби се на терен и изрекуваат казни за несовесните граѓани кои допринесуваат за лошиот квалитет на воздухот.

Скопската градска власт информира дека во изминатите денови извршени се над 20 вонредни инспекциски контроли на градилишта, Б инсталации и инсталации елаборати кои се во надлежност на град Скопје, при што кај две од нив е утврдено надминување во дозволените емисии и изречена глоба по 12.000 евра кај секој од субјектите.

„Контролирани се Топлана Север и топланата на Клинички центар, утврдено е дека работат на гас, не се утврдени надминувања во мерењата на емисии. Се продолжува со мерења од стационарни места оџаци кај правни субјекти кои се во градска надлежност. На повеќе локации се поставуваат апарати за мерење на ПМ10 честици за мониторинг од 24 часа, со цел утврдување на изворите на загадување“, информираат од Град Скопје.

Од Општина Центар велат дека Секторот за Инспекциски работи деновиве спроведува акција на терен за контрола на градилиштата.

„Поделени се Известувања со обврски согласно Законот за јавна чистота, со кои се информираат изведувачите на градежни објекти да не вклучуваат во сообраќај моторни возила со валкани тркала, да не оставаат градежен шут, отпад и градежен материјал, освен на места определени за таа намена, да не се пали и уништува смет. Да не се палат огнови на отворено за греење на работниците. Дополнително, сите возила што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади, поради контрола на прашината“, велат од Општина Центар.

Во Центар е извршена и контрола на јавните површини на целата територија на општината, во однос на палење и уништување на садови за собирање на смет, како и палење, закопување и уништување на смет, а се врши и инспекциски надзор на инсталации во надлежност на општината кои користат различни енергенси за греење или подготовка на храна: ресторани, сендвичари, сервиси за миење возила и автоперални, а извршена е и контрола на оставање отпад на приватен имот, согласно Законот за управување со отпад.

Од 12 поминати градилишта во населбите: Водно, Пролет и Ново маало, изречена е една казна за сообраќај со возило со валкани тркала. Поминати се две напуштени локации, со присутен отпад на приватен имот, за кои што ќе се спроведат инспекциски постапки согласно Законот за управување со отпад.

„По пријава од граѓани за палење на пластика и кабли, извршен е увид на Кале, на потегот од Француски гробишта кон Американската Амбасада, при што не се затекнати сторители на лице место“, информираат од Општина Центар.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …