Идентификувани сите 45 жртви од автобуската несреќа

Идентификувани се сите 45 жртви од автобуската несреќа на автопатот „Струма“, изјави денеска заменик-главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов за БТА.

Туристичкиот автобус, во кој главно имало македонски државјани, се запали ноќта меѓу 22 и 23 ноември на враќање од Истанбул во Скопје. Во несреќата загинаа 45 луѓе, а седум се повредени. По несреќата беа прогласени денови на жалост во Македонија и во Бугарија.

Идентификацијата на жртвите е направена со ДНК профили, појасни Сарафов.

Вчера од болницата Пирогов беше пуштен и последниот пациент примен на лечење по несреќата. Тој со медицинска екипа беше пренесен во Македонија.

Со указ на јавниот обвинител, вчера е дадено одобрение посмртните останки на жртвите да им бидат предадени на претставници на Владата на Република Северна Македонија за транспорт и трансфер на нивните роднини, рече Сарафов.
Бугарската влада ќе помогне во транспортот со обезбедување на воен авион.

„Посмртните останките ќе бидат донесени в петок и преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови“, изјави вчера портпаролот на македонската влада Муамет Хоџа.

Првично имаше две верзии на кои работеа истражителите – човечка грешка или техничка неисправност на автобусот. Минатата недела бугарските власти, кои ја водат истрагата, објавија дека водечката верзија е човечка грешка, потпомогната со лошите ознаки на патиштата, лошата организација на сообраќајот и лошата сигнализација на автопатот.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …