„Едноставно, не може некој административец да одлучи дека во наредните три дена нема да работи и дека предметите ќе почне да ги решава следната недела… Ова не е измислен случај“, вели народниот правобранител Иџет Мемети во интервју за „Мета“. Тој посочува дека граѓаните имаат најмногу поплаки на правосудството, работните односи, денационализацијата, социјалата и потрошувачките права, а јавната администрација е една од најслабите точки во системот.
Колку во моментов граѓаните можа да ги остварат своите права пред државната администрација?
– Во општество во кое има професионална јавна администација, се почитува принципот на владеење на правото, а заштитата на уставните и законските права на граѓаните не е декларативна, ова прашање секако дека би било излишно.
Остварувањето на правата е процес кој е континуиран и во кој е апсолутно недозволиво да има прекин. Едноставно не може, на пример, некој административец да одлучи дека во наредните три дена нема да работи и дека предметите ке почне да ги решава од следната недела. Замислите во една ваква ситуација како би се чуствувал оној кој нема средства за егзистенција и бара социјална помош од државата за да може да го прехрани своето семејство. Ова не е измислен случај, туку е дел од моите секојдневни констатаци произлезени од работата на институција.
Со години наназад, јавната администрација е детектирана како една од најслабите точки на системот и државата е укорувана заради нејзината неефикасност и неквалитет во работењето. Лично мислам дека во овој сегмент треба итно да се направат длабоки и суштински реформи, меѓу другото и за да се подобри впечатокот на граѓаните дека администрацијата навистина работи во интерес на остварување на нивните права.
Колку државата им ги овозможува правата на граѓаните?
– Државата е таа која им ги гарантира правата на граѓаните и секако дека е должна за таа цел да создаде претпоставки за нивно непречено остварување. Впрочем, граѓаните плаќаат даноци, придонеси и такси и за тоа треба да добиваат соодветни, навремени и квалитетни услуги во сите сфери на живеењето. На пример, кога вие секој месец од своите месечни примања издвојувате придонеси за здравствено осигурување, очекувате кога ќе имате потреба да го остварите правото по овој основ, државата безусловно да ви го овозможи. Токму степенот на остварување на правата, покажува колку едно општеството е развиено, но и каква е свеста кај тие што според законите треба да им ги овозможуваат правата на граѓаните.
Дали состојбата се менува и во која сфера се најголемите проблеми?
– Минатата година до нашата канцеларија пристигнаа 3.458 поплаки од граѓани, што во однос на 2017 година покажува благ пораст. Најголемиот дел од овие поплаки се однесуваат на правосудството, што покажува дека оваа област и понатаму претставува најслаба алка во општеството, иако е издвоена како трета власт. Потоа, голем пораст има кај претставките од областа работни односи, имотно-правните односи, а особено е зголемен бројот на претставките кај денационализацијата (процес кој одамна требаше да биде завршен), социјалата и потрошувачките права
Како да се надмине состојбата? Што треба државата да превземе, а што можат да сторат граѓаните за да се изборат за своите права?
– Одговорот е многу едноставен – доследна примена на законите и другите прописи и ефикасно работење на администрацијата. Јас постојано кажувам дека ние во принцип имаме добри закони, добра законска основа, но дека проблемот е нивната примена и партизацијата на администрацијата. Поделбата на наши и ваши паѓа врз грбот на граѓаните. Тие, и остварувањето на нивните права, ја плаќаат цената на длабоката политичка поделеност на општеството која за жал е навлезена во сите сегменти. Оттука, без промена на свеста кај администрацијата дека нејзе ја плаќаат токму граѓаните кои се обраќаат на нивните шалтери, а не партијата, нема да можеме да зборуваме за она што се нарекува добра администрација и владеење на правото. Граѓаните секако дека не треба да молчат, туку за остварување на своите права да ги користат сите механизми за заштита, вклучително и Народниот правобранител. Она што охрабрува е фактот што за овие 20 години од основањето на институцијата Народен правобранител, таа се етаблира како независно тело на кое граѓаните му веруваат, па се обраќаат дури и во случаите кога се свесни дека поради немање надлежност не може адекватно да им помогне.
Извор: МЕТА