пожари стрништа ниви

Има шест активни пожари, во Пелагонија палењето ниви ја оштети пругата Велес-Битола

Оштетувањето на железничката инфраструктура во Пелагонискиот регион, меѓу другото, е предизвикано од палењето оган на нивите од земјоделците, кои се подготвуваат за претстојната сезона како метод за чистење на нивите пред новото сеење

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 36 поголеми пожари во земјава, од кои шест и понатаму се активни. Притоа, три од активните пожари се во битолскиот регион, а три во прилепскиот регион.

Поради изгорени прагови од пругата меѓу Богомила и Прилеп, во прекин е железничкиот сообраќај меѓу Скопје и Битола, информираа за Мета.мк од битолската железничка станица. Вчера и денеска патниците се оставени самите да се снаоѓаат со пронаоѓање алтернативен превоз, бидејќи патничките возови не сообраќаат поради оштетената пруга.

Инаку, не само меѓу Богомила и Прилеп, туку големи површини што биле запалени вчера можеше да се забележат и на пругата меѓу Прилеп и Битола, каде што беа опожарени не само ниви околу пругата, туку и цели ридови со ниска вегетација. Ова пак значително ја намали брзината на движењето на возовите, пред истите да бидат откажани од сообраќај вчера попладне. Од битолската железничка станица информираа дека синоќа интервенирал и противпожарниот воз на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура.

Оштетувањето на железничката инфраструктура во Пелагонискиот регион, меѓу другото, е предизвикано од палењето оган на нивите од земјоделците, кои се подготвуваат за претстојната сезона како метод за чистење на нивите пред новото сеење. Овој отворен оган иако е забранет, сепак се практикува, а во комбинација на сувото и топло време, како и јакиот ветер, може да предизвика пожар од поголем обем.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека во Општина Битола имало пожари кај селата Црничани, Лознани и Ивањенци, каде горела ниска вегетација. Во Општина Прилеп трите активни пожари се кај селата Слепче, Долнени и Тројкрсти, каде гори ниска вегетација.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …