ИН МЕМОРИАМ

ИН МЕМОРИАМ

Вчера во Прилеп, во 83 година од животот, ненадејно почина Ѓорѓи Гешоски, спортски работник и еден од најдобрите атлетски тренери во нашата држава.

Целиот свој работен и животен век, Гешоски ѝ го посвети на атлетиката. Само тој можеше да каже, како на импровизирана атлетска патека се создаваат државни шампиони, учесници на Олимписки игри, на Светски и Европски првенства.

Со својата посветеност и бескрајна љубов кон атлетиката, Гешоски беше вистински амбасадор на градот и државата кои никогаш не ги напушти, и покрај бројните понуди за работа во атлетски клубови надвор од границите на Македонија.

Пред само петнаесетина денови, за своите достигнувања и афирмацијата на атлетиката и развојот на спортот, а по повод Денот на ослободувањето на Прилеп, 3.Ноември, Ѓорѓи Гешоски ја доби највисоката општинска награда „Златна плакета“ за животно дело.

Во последното интервју кое го водевме по тој повод, помеѓу другото, Гешоски ќе рече:

„Не сум само јас заслужен за оваа награда, туку и сите мои атлетичари кои сум ги тренирал во изминатите над 50 години. Со атлетиката го прошетав скоро целиот свет. Пари од атлетика нема, меѓутоа тоа што го прошетав светот ми причинува најголемо задоволство. Бев во Пекинг, во Кина, во Канада, на Олимпијада во Минхен 1972 година. Јас во моите 83 години, десетина години отсуствував од дома, бидејќи често патував со репрезентацијата на поранешна Југославија како и со репрезентацијата на Македонија. Сакам да им се заблагодарам на мојата сопруга и на моите деца, бидејќи заради бројните патувања не сетив кога пораснаа“.

Почитуван професоре Ѓорѓи Гешоски, Прилеп и Македонија Ти благодарат Тебе.

Вечна нека Ти е славата!

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …