инфлација супермаркет

Инфлацијата во јули се искачи на 16 отсто, трошоците на живот за еден месец скокнале за 1,9 отсто

Годишната инфлација во земјава во јули 2022 година се искачи на 16 отсто, додека индексот на трошоците на живот во период од јуни до јули 2022 година се зголемиле за 1,9 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Индексот на цените на мало бележи зголемување од 14 отсто во јули 2022 година, споредено со идентичниот месец лани. Цените на мало во текот на минатиот месец скокнале за 2,5 отсто во однос на јуни.

Најголем пораст кај трошоците на живот во јули 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај лебот и житата за 4,8 отсто, сирењето и урдата за 4,5 отсто, млекото за 3,6 отсто, свежото и разладеното овошје за 2,9 отсто, виното за 2,5 отсто и месото за 1,8 отсто.

Во јули 2022 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот во однос на јуни е забележан и кај воздухопловниот патнички транспорт за 36,5 отсто, туристичките аранжмани за 11,3 отсто, електричната енергија за 9,9 отсто, поправката на апаратите за домаќинствата за 8,8 отсто и услугите за сместување за 5,9 отсто.

Од друга страна, намалување на индексот на трошоците на животот во јули 2022 година е забележан и кај актуелните ренти исплатени од станарите за 2,7 отсто, другите медицински производи за 1,7 отсто, другото образование за 1,1 отсто и моторните возила за 0,9 отсто.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Народна банка

Народна банка обезбеди стабилност на денарот, инфлациските движења и банкарскиот сектор

Народната банка води соодветни политики, кои придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и …