Инклузивно игралиште во ООУ „Ванчо Прке“ во Делчево

Инклузивно игралиште во ООУ „Ванчо Прке“ во Делчево

Учениците од ОУ „Ванчо Прке“ во Делчево, од денес ќе може да спортуваат, да играат и да другаруваат на новото инклузивно и пристапно игралиште сместено во дворот на училиштето.

 Почетокот на новата учебна година проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ финансиран од Европската Унија, го обележува со донација на деветтото инклузивно игралиште во земјава, со кое се придонесува во креирање на инклузивна клима во училиштата.

Бранка Џајковска од Фондацијата „Чекор по чекор“ која го спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, истакнува дека во изминатите две години од спроведување на проект, имаат за цел да создадат пристапни и стимулативни средини за учење, а училиштата опфатени со проектот да бидат места со еднакви можности за образование на децата, вклучувајќи ги и оние со физичка, сетилна и интелектуална попреченост.

„Со донацијата на ова инклузивно игралиште како проект на почетокот на септември посакуваме успешен почеток на новата учебна година на национално ниво и веруваме дека со нашите активности значајно придонесуваме секое дете да добие пристап до квалитетно образование.

Инклузивните игралишта како ова во ООУ „Ванчо Прке“ нудат стимулација на учениците со попреченост и нивна вклученост во играта, она што во суштина е најзначајно за децата. Со задоволство го ставаме во употреба ова игралиште и се надеваме дека ќе стане место каде секојдневно ќе се поттикнуваат способностите и вештините на учениците, а ние, заеднички со вакви и слични активности ќе ја создаваме сликата за инклузивното образование во земјава, од кое сите ќе имаат придобивка.“ – рече г-ѓа Бранка Џајковска проектен менаџер на „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

Инклузивното игралиште сместено во централното училиште ООУ „Ванчо Прке“ во Делчево, во кое се образуваат околу 500 ученици е од огромна важност за Општината Делчево.

„Ме радува фактот што во Делчево, посебно, во образовните институции, максимално се инвестира во создавање подобри и еднакви услови, како и можност за перманентен развој и инклузивност во образовниот процес на учениците со попреченост. Изразувам благодарност до раководниот тим од училиштето „Ванчо Прке“ и до донаторите кои овозможија Делчево да го добие првото инклузивно детско игралиште, кое врз основа на содржината и на елементите кои се инсталирани, ќе биде уникатно катче и ќе даде голем придонес во правилниот раст и развој на учениците со посебни потреби. Како општина даваме искрена поддршка за реализација на проекти со кои ги подобруваме капацитетите за инклузивност не само во училиштето, туку и во општината, со цел  секое училиште да добие простор во кое сите деца ќе имаат еднакви можности за раст и развој.“ – изјави градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

Отворањето на ова инклузивно игралиште е национален настан во реализација на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ којго реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука.

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …