Претседателот Стево Пендаровски денеска во Скопје се обрати на свеченото отворање на „Денови на групацијата ЕВН“, настан организиран од ЕВН Македонија.
Говорејќи за кризата со достапноста до енергија, еколошката одржливост и енергетската безбедност, претседателот Пендаровски оцени дека како мала и отворена економија со висока енергетска зависност, Северна Македонија е ранлива на овие процеси. Според претседателот Пендаровски, македонскиот енергетски систем не генерира доволно електрична енергија за своите потреби, а како причини ги наведе долгогодишното ниско ниво на вложување во енергетските капацитети, незапирливиот раст на побарувачката за електрична енергија во дигиталната ера, но и неодрживите енергетски навики кај дел од граѓаните.
Информирајќи за одржаната седница на Советот за безбедност, претседателот Пендаровски ги пренесе главните точки на претставениот план на Владата за справување со кризата – ургентен увоз на неопходните ресурси, зголемување на домашното производство и намалување на потрошувачката.
„За субвенционирање на цените во наредните два квартали предвидени се околу 300 милиони евра“, рече претседателот Пендаровски.
Единствениот начин да излеземе на крај со овие предизвици, како што рече претседателот Пендаровски, е ако сме заедно, истакнувајќи дека соработката меѓу Северна Македонија и ЕВН Македонија, а со тоа и Групацијата ЕВН, никогаш не била поважна од сега. Во таа насока, претседателот Пендаровски оцени дека ЕВН Македонија е клучна алка во македонскиот енергетски систем и е еден од најголемите инвеститори, работодавачи и даночни обврзници во Северна Македонија.
Во обраќањето, претседателот Пендаровски ја истакна поддршката од компанијата во повеќе проекти, вклучувајќи ја програмата „Млади менаџери и бизнис лидери“ и добротворната акција „Волонтираме за солидарно општество“, како и поддршката во изготвувањето на „МКД 2030“ како стратешка рамка за развој на Северна Македонија до крајот на оваа деценија.
„Кризата е и можност за зајакнување на нашата енергетска архитектура преку вложување во долгорочната енергетска безбедност, достапност и одржливост. А успешноста на овој потфат зависи, меѓу другото, и од соработката со ЕВН Македонија. Бидејќи, заедно сме посилни“, рече претседателот Пендаровски.