Интернет Експлорер денеска заминува во историјата

По 27 години откако беше лансиран Интернет Експлорер, „Мајкрософт“ објави дека прелистувачот ќе биде отстранет од сите уреди, пренесува „Гардијан“.

Од денеска, десктоп апликацијата на Експлорер ќе биде оневозможена и наместо тоа, корисниците ќе бидат пренасочени кон новиот прелистувач – Мајкрософт Еџ (Microsoft Edge).

И додека Експлорер ја загуби својата релевантност изминативе неколку години, како оригинален прелистувач на „Мајкрософт“ беше важен дел од историјата на Интернетот. Експлорер претставуваше порта кон Интернет за луѓето родени пред „Генерација Зет“, во ера кога „Мајкрософт“ доминираше во технолошкиот свет пред на сцена да настапат „Гугл“, „Фејсбук“, а подоцна и „ТикТок“.

„Мајкрософт“ тогаш го задржа прелистувачот како неразделив дел од својот оперативен систем „Виндоуз“ (Windows). Искуството на корисниците често беше оценувано како слабо и лошо, па со пристигнувањето на Мозила Фајрфокс (Mozilla Firefox) и Хром (Google Chrome), луѓето почнаа масовно да се префрлаат на конкуренцијата.

„Мајкрософт“ рече дека одлуката да се откаже од Интернет Експлорер во голема мера се должи на фактот што сè помалку веб-програмери ги правеле своите сајтови компатибилни со Експлорер.

Компанијата ја прекина поддршката за Интернет Експлорер во 2020 година, а претходно во 2015-та го лансираше својот нов прелистувач „Еџ“.

И покрај постепеното пропаѓање на Интернет Експлорер, тој сè уште е силно препознаван како бренд. Истражувањето на Рој Морган нарачано од австралиската Комисија за конкуренција и потрошувачи во септември минатата година, покажало дека прелистувачите за кои луѓето најмногу знаеле биле Гугл Хром (95 отсто), Интернет Експлорер (85 отсто), Фајрфокс (81 отсто), Сафари (80 отсто) и Еџ (69 отсто).

Главната причина поради која луѓето користеле Експлорер била тоа што прелистувачот бил однапред инсталиран на нивниот компјутер и не морале да користат друг прелистувач, покажало истражувањето. Други корисници пак, рекле дека го користеле Експлорер само за преку него да инсталираат друг прелистувач за Интернет.

Интернет Експлорер беше лансиран во 1995 година, како дел од дополнителниот пакет за „Виндоуз 95“. Врвот на користење со 95 отсто удел во глобалното прелистување на Интернет го достигна во 2003 година, по што неговата корисничка база почна масовно да опаѓа. Во своите „последни денови“ пред згаснувањето, овој прелистувач покриваше 2 отсто од Интернет-пазарот.

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …