ИНТЕРВЈУ со Илија Јованоски: Реконструкција на булеварот, нов мост и завршување на Градскиот стадион – приоритети за 2019 година

ИНТЕРВЈУ со Илија Јованоски: Реконструкција на булеварот, нов мост и завршување на Градскиот стадион – приоритети за 2019 година

„Целосната исплата на наследениот општински долг од 2 милиона евра, ме прави задоволен од досега сработеното. Реконструкција и проширување на булеварот ‘Гоце Делчев“, изградба на нов мост и комплетно завршување на работите на Градскиот стадион, се трите приоритети за следната 2019 година. Поставувањето на фотоволтаици на општинската зграда и на објектите на сите јавни институции, ќе придонесе за намалување на трошоците за електрична енергија и заштита на животната средина“, истакнува во интервјуто за ПУБЛИКУМ градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

ПУБЛИКУМ: Господине Јованоски, дали сте задоволни од реализираното во изминатиот период откако ја предводите прилепската локална самоуправа?

ЈОВАНОСКИ: Со оглед на она што го наследив и ова што сега го имаме, задоволен сум од сработеното во овие 13-14 месеци, колку што ја извршувам функцијата градоначалник на општина Прилеп. Задоволен сум, пред сѐ, поради целосната исплата на долгот од 2 милиона евра, кој го имаше Општината во моментот на моето преземање на функцијата. И покрај исплатата на тие средства, Општината во ништо не “оскудеваше“ кога се во прашање потребните буџетски средства за реализација на предвидените проекти. Сите планирани манифестации беа одржани, а како ретко кога порано, во градот беа асфалтирани четириесетина улици, додека во приградските населби и населените места беа тампонирани улици во должина од 15 километри. Во насока на продолжување на овој тренд, токму денеска, кога го водиме овој разговор, во рамките на Граѓанскиот парламент беше одржана средба на новоизбраните претседатели на Урбаните и Месните заедници со претставници на општинската администрација, со цел нивните приоритетни барања да бидат внесени во буџетот за 2019 година.

ПУБЛИКУМ: Улиците во градот се проектирани да бидат функционални за одреден број жители и моторни возила. Меѓутоа, последниве години, особено централното градско подрачје стана “тесно грло“ за сите учесници во сообраќајот. Што преземате за надминување на овој проблем?

ЈОВАНОСКИ: Годинава изградивме две нови сообраќајници: „Кеј 1.Мај“ и „Кеј 9.Септември“. Во развојната програма за следната година, покрај завршувањето на комплетните работи на Градскиот стадион, планирани се уште две други компоненти од областа на инфраструктурата – реконструкција и проширување на булеварот „Гоце Делчев“ заедно со улица „Прилепски бранители“ и изградба на нов мост на улица „Трајко Николоски“, кај сточниот пазар. Со тоа, во многу ќе се подобрат условите за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.

ИНТЕРВЈУ со Илија Јованоски: Реконструкција на булеварот, нов мост и завршување на Градскиот стадион – приоритети за 2019 година

ПУБЛИКУМ: Го споменавте Градскиот стадион. Тој се наоѓа во исклучително незавидна состојба, која кај љубителите на спортот предизвикува сомнеж дека за скоро време во Прилеп ќе можат да гледаат прволигашки фудбал. Освен тоа, информациите кои ѝ се достапни на јавноста, имплицираат на постоење низа незаконитости поврзани со неговата реконструкција, кои треба да бидат предмет на интерес на Јавното обвинителство. Што точно се случува со “храмот на фудбалот“? Ќе покренете ли постапка за утврдување на одговорност кај оние кои дозволиле стадионот да се гради надвор од сите стандарди со што, доколку бил завршен, ќе довел до загрозување на животите на посетителите на фудбалските натпревари?

ЈОВАНОСКИ: Реконструкцијата на стадионот требаше да биде завршена од претходната општинска гарнитура. Меѓутоа, еден од двата проекта кои се реализираат при неговата реконструкција, е погрешен и штетен. Имено, не се извршило испитување на статиката на северната трибина, за да се види дали таа може да ја издржи тежината на покривната конструкција. Од друга страна, без одобрение за градење поставени се рефлектори со висина од 40 метра, тешки по 10,5 тони. Што значи, рефлекторите се дивоградба. Формиравме комисија составена од 5 архитекти, со цел одново да се направи проектна документација, да се утврди дали рефлекторите се прописно поставени и дали можат да се вклопат во проектот? Што се однесува до утврдување на одговорноста, јас во повеќе наврати сум зборувал за случајот, а со него се запознаени надлежните институции. Така што, останува да ја видиме нивната реакција.

ПУБЛИКУМ: Прилеп е еден од малкуте градови во Македонија, во кои не постои станица за мерење на загаденоста на воздухот. Во ситуација кога половина држава секојдневно “се гуши“ со канцерогените ПМ 10 честички, а соседна Битола е меѓу најзагадените градови во поширокиот регион, што преземате по ова прашање?

ЈОВАНОСКИ: Се согласувам дека Прилеп има неопходна потреба од мерна станица која ќе го мери загадувањето на воздухот. Од тие причини, подолго време работиме на изнаоѓање решение за поставување на една таква станица, така што можам да потврдам дека во скоро време нашите сограѓани ќе знаат каков воздух дишат. Исто така, сакам да потенцирам дека планираме на општинската зграда да поставиме фотоволтаици, а во моментов ист таков проект се изработува и за градскиот пазар. Истото ќе го направиме и со објектите на сите јавни институции во градот, а фотоволтаици ќе бидат поставени и на пречистителната станица, како еден од поголемите потрошувачи на електрична енергија. Размислуваме да се вклучиме во трендот на поставување “фарми“ на фотоволтаици. Од тие причини, будно го следиме носењето на Законот за енергетика, со цел да им овозможиме на граѓаните, институциите или компаниите кои сакаат да постават вакви “фарми“ да го направат тоа, или пак вклучувајќи се во некоја од нив, да станат корисници на електричната енергија која тие ќе ја произведуваат. Ќе се залагаме нашата општина да биде меѓу првите во која ќе бидат изградени вакви “фарми“, бидејќи располагаме со погодна локација за таа намена, односно со земјиште од околу 50 хектари кое се наоѓа во непосредна близина на ТИРЗ „Прилеп“. Значи, изградбата на пречистителната станица, поставувањето на фотоволтаиците и инсталирањето станица за мерење на загаденоста на воздухот, се дел од мерките кои Општина Прилеп ги презема во насока на заштита на животната средина.

ПУБЛИКУМ: Прилепчани немаат многу пофални зборови за администрацијата, за која велат дека е трома и неефикасна, дека не им излегува во пресрет на потребите на граѓаните.

ЈОВАНОСКИ: И покрај тоа што нешто повеќе од една година сум градоначалник, за мене сѐ уште се незамисливи некои работи кои се случуваат со администрацијата. Овде дојдов од градската болница, од одделение во кое сите случаи беа итни: скршена рака, нога или некоја посекотина. Јас секогаш сакав да реагирам одма, веднаш. И персоналот кој работеше со мене знаеше дека мора да реагираме заеднички. За жал, општинската администрација не реагира така. Забележливи се опструкциите кои ги прават поединци. И досега се трудев, а тоа ќе го правам и во иднина, таквиот начин на функционирање да го сведам на минимум.

ПУБЛИКУМ: Јавноста реагира на еден сериозен проблем кој се провлекува неколку години наназад: узурпација на јавните површини во централното градско подрачје, од страна на повеќе угостителски објекти. Како ќе го решите овој проблем?

ЈОВАНОСКИ: Ова е проблем кој постои на ниво на цела држава, во сите градови и, мора да кажам, тој е тежок за решавање. Мислам дека проблемот е резултат на неадекватната и несинхронизирана работа на инспекциските служби, на Општината, пазарната инспекција, комуналните инспектори и полицијата. Вината ја имаат сите заедно, тука се вклучувам и себеси. Многу е тешко на тие кои ја добиле јавната површина, да им ја одземете. Гледате и самите дека освен со најлон, кафетериите сега се оградуваат и со стакло. Размислуваме, во рамките на законот, на таквите локали да им се определи дополнителна такса, бидејќи не може и тие и другите угостителски објекти кои имаат само обични тенди, да плаќаат исто.

ПУБЛИКУМ: Ветивте изградба на нов театар. Останувате ли на ветеното?

ЈОВАНОСКИ: Не само што останувам, туку сум убеден дека до крајот на мојот мандат Прилеп ќе има нов театар. Во разговор со архитектите, но и со луѓето од театарот „Војдан Чернодрински“, одлучивме новиот објект да се гради веднаш до ЦК „Марко Цепенков“. Деновиве заврши јавниот оглас за идејно решение на театарот, а во постапка се изработката на основниот проект и промената на Деталниот урбанистички план, што е неопходно да се направи за да се почне со изградба на новата зграда. После завршувањето на сите овие работи, верувам дека кон крајот на следната година ќе почнат и градежните работи на новиот театар.

ПУБЛИКУМ: Сте размислувале ли за тоа, каков печат ќе оставите во градот на крајот на Вашиот мандат?

ЈОВАНОСКИ: Верувам дека граѓаните ќе ме паметат по мојата одговорност, точност, прецизност и чесност во работењето. Граѓаните ќе знаат каде се потрошиле нивните пари, нема ништо да остане скриено. Во сите институции врз кои имам надлежност, без разлика дали станува збор за директори на јавни претпријатија, основни и средни училишта, старски дом, градинки…  ќе ги санкционирам сите оние кои прават злоупотреби. Секој кој се огрешил пред законот, ќе биде казнет и сменет. Нема да толерирам никој кој незаконски ги троши парите на граѓаните.

ПУБЛИКУМ: За крај, како ја оценувате работата на новинарите? Дали сте задоволни како тие Ве перципираат?

ЈОВАНОСКИ: Не знам како ме перципираат новинарите, Вие треба да го знаете одговорот? Со самото мое доаѓање на оваа функција, јас кажав дека секој новинар и секој медиум треба да биде платен онолку колку што ќе заработи. Не онолку колку што јас мислам дека треба да им дадам, или колку што тие мислат дека треба да наплатат.

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …