Инвестициите во енергетиката закочија во ковид кризата, дали во 2021 година ќе се раздвижат?

Инвестициите во енергетиката закочија во ковид кризата, дали во 2021 година ќе се раздвижат?

Во 2020 година повеќе од скромни беа инвестициите во нови енергетски објекти од обновливи извори на енергија (ОИЕ). За 2021 година Владата најавува мошне абициозни и значајни проекти кои ќе започнат со објавување на јавни повици во првата половина од годината. Па, зависно од тоа колку тие ќе траат и каков интерес кај инвеститорите ќе побудат, ќе зависи и стартот на новите капацитети од ОИЕ за добивање поголеми количества зелена енергија.

Во годината што изминува, енергетските проекти останаа во сенката на приоритетните здравствено економски мерки за справување со последиците од корона пандемијата. А, основата од каде што требаа да тргнат инвестициските зафати во ОИЕ беше Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, која се донесе во февруари 2020 и од која требаше во јули да се избере едно од понудените три сценарија, зелено, референтно и за умерена транзиција. Но, активностите закочија.

Судејќи според сите досегашни изјави на надлежните, изборот најверојатно ќе падне на зеленото сценарио, пред сè затоа што РСМ се обврза пред ЕУ и пред меѓународни институции за инвестици во проекти од ОИЕ заради намалување на штетните емисии и загаденоста, секако, со намалена употреба на јагленот, кој сè уште главно се користи како енергенс за производство на електрична енергија во државава, сè до негово целосно исфрлање. Според Стратегијата, инвестициите во ОИЕ во следните 20 години се планирани да изнесуваат од 8 до 17 милијарди евра. Додека, намалувањето на загаденоста на воздухот, како еден од приоритетите во Стратегијата дадени во зеленото сценарио, до 2040 година треба да биде намалено за 61,5 отсто, во однос на 2005 година. Енергијата произведена од ОИЕ треба да достигне учество од 45 отсто во бруто финална енергија.

„Несомнено дека ковид-19 ги одложи зацртаните инвестициски проекти. На пример, тендерот за ТЕЦ „Осломеј“ се одложуваше повеќе пати затоа што не можеше инвеститорите да се информираат за локацијата. На крај, тоа се направи online за да може процесот да продолжи. Поради пандемијата се прави и ревизија на Стратегијата за енергетика, за во неа да се вградат новонастанатите состојби, особено во делот на растот на економијата, индустриското производство како и одредени промени во транспортниот сектор, кои значително ќе влијаат во следните неколку години на потрошувачката на енергија“, вели за Мета.мк Алексадар Дединец, научен соработник во МАНУ за енергетика и животна средина.

Тој додава дека поради моментално се работи на ажурирање на Стратегијата, а во периодот јануари – март ќе се изработи програмата за почеток на нејзина реализација, според избраното сценарио.

„Искрено се надевам дека веќе сме прилагодени на новите состојби и тоа ќе биде мотив плус за да се продолжи со инвестициите“, констатира Дединец.

Она што во најбрзо време може да се очекува од новите инвестиции од ОИЕ е изградбата на двете фотовалтаични централи, на местото на стариот рудник во ТЕЦ „Осломеј“, за што е во тек подготовката на теренот. Веќе има голем интерес од домашни и од странски компании за оваа инвестиција, конечниот избор на инвеститорот треба да биде во првата половина од 2021. Двете централи кои ќе ја користат енергијата од сонцето за производство на струја треба да се градат по принципот на јавно приватно партнерство, тие ќе бидат со инсталирана моќност од 80 до 100 мегавати. Приватниот партнер ќе треба да преземе 100 вработени од сегашната термоелектрана „Осломеј“. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра.

Во најава за 2021 е и решавањето на статусот на државната ТЕЦ „Неготино“ која не работи со години и за која неодамна се распиша оглас за изработка на физибилити студија што треба да покаже дали ќе се пренамени и реконструира електраната за работа на гас на истата локација, по моделот на ЈПП, или објектот ќе оди на целосна продажба на приватен инвеститор. Инвестицијата е процената од 200 до 500 милиони евра, а се најавува дека идната централа ќе биде со моќност од околу 200 мегавати, што значително ќе придонесе за производство на зелена енергија во енергетскиот систем.

Најавувајќи ја „новата енергетска иднина“ за 2021, премиерот Зоран Заев неодамна посочи дека РСМ има поддршка од партнери од ЕУ, НАТО и САД, преку фондови и развојни агенции, а од планираните инвестиции во ОИЕ, тој меѓу другото, рече дека во 2021 ќе се објави повик за изработка на физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 мегавати на местото на РЕК „Битола“ за што инвестицијата ќе биде над 35 милиони евра.

За во текот на 2021 Владата најави почеток на изградбата на втората фаза од ветерниот парк- „Богданци 2“, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк за 13,8 мегавати. Проценетата инвестиција е 21 милион евра. Следната година треба се планира и изградбата на нови ветерни паркови во Богданци, Свети Николе, Демир Капија и во Дебрца.

Хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река повторно е во игра и во 2021. Во декември 2020 заврши преткфалификационата фаза од јавниот повик за концесија на вода за овој голем енергетски проект, на која пристигнаа понуди од 10 реномирани компании од Европа и од Кина. Вредноста на овој проектот се проценува на најмалку 500 евра, а ќе се гради по принципот на ЈПП, во кое ЕСМ ќе биде партнерот во име на државата. Хидроцентралата ќе има инсталирана моќност од 333-458 мегавати, за годишно производство од 1.000-1.200 гиват-часови електрична енергија од вода. За споредба, ЕСМ сега вкупно годишно произведува околу 4.000 гигават-часови струја.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

време облачно студено

Температурните разлики се шок за луѓето, летоска можно е да има грмотевични бури

Атмосферските модели и проценки упатуваат на потопло лето. Во јули и во август може да …