Построго во локдаунот, молиме!

Построго во локдаунот, молиме!

Локдаунот во Германија ќе биде продолжен и заострен. Дали е тоа доволно? Многу месеци се потрошени на млака стратегија и тоа сега се удира од глава, оценува Сабине Кинкарц.

Во ноември имаше делумен локдаун, во декември малку поостар локдаун, но со исклучоци. Сега, во јануари, сите вџашено констатираат дека бројот на инфицирани е непроменето превисок и мора да се преземат поинакви мерки.Беше погрешно да се затворат само гастрономијата, трговијата на мало и неколку други бранши, а училиштата, градинките и голем дел од економијата да се остават отворени и само да се апелира до луѓето да се држат до мерките за ограничување на контактите. Тоа не функционира.

Се’ уште со коронавирус се заразуваат многу луѓе, како и претходно премногу луѓе умираат од или со Ковид-19. Каква катастрофа! И тоа катастрофа од домашно производство, за која има главно две причини.

Од една страна е тоа германскиот федерализам. Тоа всушност е нешто што е само по себе добро. Германија е составена од 16 покраини, задачите, но и моќта се распределени на различни нивоа, се’ до општините. Тоа дава поголема регионална разноликост, ја зајакнува демократијата и спречува злоупотреби.

Заштитата од инфекции е покраинска надлежност

Во услови на криза тоа е меѓутоа слаба страна, зашто сите сакаат да соодлучуваат и одлуките зависат од тоа дали 16-те покраински лидери со нивните регионални интереси и политички суети на крајот ќе се соземат или не. Поради тоа што заштитата од инфекции во земјата е покраинска надлежност, канцеларката може само да апелира, да поттикнува и опоменува. Да одлучува – не може.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App

Сабине Кинкарц

Но, токму тоа е неопходно во толку големи кризи, кои ја погаѓаат целата земја. Тука федерализмот доаѓа на своите граници. Ако не може никако поинаку, сојузот би морал да го преземе раководењето и да диктира единствени правила. Тоа не мора да значи комплетно политичко исклучување на покраините од одлуките.

Само апели не се доволни

Единственост, разбирливост, консеквенција – тоа се предуслови за граѓаните да ги прифатат и да ги следат правилата. Наместо тоа, речиси никој не знае што каде и зошто важи и зошто во Визбаден, Хесен, смее да се однесува поинаку отколку во Мајнц, Рајнланд Пфалц, кој е во близина. Ова е само еден пример. Расположението во општеството е се’ понапрегнато и нема да се подобри со оглед на бавното вакцинирање. Политиката во тој дел мора да ги подобрува работите.

Не е доволно луѓето да се водат низ кризата со апели да се биде разумен. Никој не е секогаш и насекаде разумен. Луѓето се движат во рамките на она што е можно и изводливо и ретко доброволно се одлучуваат на откажување. Тука се потребни јасни правила и волја за спроведување на забраните. Значи – поголема строгост.

Опасноста честопати се потиснува

На почетокот луѓето имаа едноставно страв од вирусот. Тоа доведе до повлекување, одвај да имаше средби, сите беа дома. Во текот на првиот локдаун, минатата пролет, улиците и автопатите беа како „изметени“.

Но, во природата на луѓето е да се навикнуваат на опасност, да ја потиснуваат реалната закана и да стануваат лекомислени. Ако на Велигден најголемиот дел беа сами дома, на Божик и Нова година работите изгледаа сосема поинаку. Поттик беше копнежот за повеќе социјални контакти, зашто многумина се сити од пандемијата и си го посакуваат назад стариот начин на живеење.

На крајот со нервите и трпението се пред се’ многу родители, особено оние кои живеат во мали станови и чии деца во студено време не можат да ја задоволат потребата од движење. Се разбира дека ја користат секоја можност за излегување. Тука апели да се биде разумен не се доволни.

Обврска за работење од дома

Не смеат да се заборават и многуте работници кои немаат избор освен секојдневно да бидат на работните места. Зашто, економијата во голем дел продолжува со работа и ги принудува луѓето да одат во фирмите, каде имаат контакти со други луѓе Исто како и во автобусите, трамваите и возовите со кои мора да се возат.

Тука ништо нема да се промени, зашто голем дел од економијата е исклучена од сега заострениот локдаун, кој ќе трае до крајот на јануари. Сепак, политиката може да нареди работење од дома секаде каде што тоа е можно, а не само да апелира до економијата да ги остави работниците по можност да работат од дома.

Велигден повторно во ресторан?

Веројатно во наредните недели за многумина и онака нема да биде можно поинаку. Училиштата и градинките треба да отворат најрано во февруари и тоа полека и соодветно на состојбата со заразата.

И, тоа е исправно. Зашто предолго се раскажуваше приказната дека училиштата се безбедни места, во кои пандемијата не игра улога. Научното сознание дека децата и младите исто толку често се заразуваат со коронавирус како и возрасните, пребавно се пробиваше во политичката свест.

На крајот на јануари ќе видиме дали повторно заострениот локдаун ќе покаже поголем ефект од досегашниот, или и тоа нема да биде доволно за да се заузда неконтролирано ширење на вирусот.

Тоа би било фатално – за земјата, за луѓето, за економијата. Еден берлински гастроном неодамна рече дека тој и неговите колеги ја загубиле надежта дека локдаунот ќе заврши брзо. Вели дека до Велигден гастрономијата тешко дека ќе отвори. Каква катастрофа!

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …