Историски момент за ЕУ, но и за Украина и за Молдавија

Историски момент за ЕУ, но и за Украина и за Молдавија

Лидерите на земјите членки на Европската унија на самитот во Брисел на Украина и на Молдавија им доделија статус на кандидати за членство во ЕУ. Со тоа тие испратија важен политички сигнал.

Голем ден за Украина и за Молдавија. Лидерите на земјите членки на Европската унија на двете земји им доделија статус на кандидати за членство во Унијата. Покрај тоа, Грузија доби јасна европска перспектива. Со тоа за првпат тие поранешни републики на Советскиот Сојуз станаа кандидати за полноправно членство.

Одлуката за официјално доделување кандидатски статус на Украинаи на Молдавија беше усвоена во четвртокот вечерта на самитот на шефовите на држави или на влади на ЕУ во Брисел. На тој статус може да смета и Грузија, предуслов е реализација на одредени реформи на европскиот пат на таа земја.

„Добар ден за Европа“

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателот на Украина, Володимир Зеленски оценија дека ова е „историски момент“. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна: „Ова е добар ден за Европа“. Таа додаде дека Украина, Молдавија и Грузија сега се дел од европското семејство и тоа, нагласи, е најдобриот сигнал за надеж што може да им се испрати на граѓаните на тие земји во овие тешки времиња.

EU-Gipfel in Brüssel

Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така им честиташе на Украина и на Молдавија, пишувајќи на Твитер: „27 пати ДА“ – и додаде дека се радува на добра соработка во европското семејство.

Францускиот претседател Емануел Макрон беше нешто порезервиран. Тој оцени дека тоа е „политички гест“, а на прес-конференцијата потсети дека Украина не е примена во НАТО.

Зеленски беше вклучен и на самитот преку видео врска. По едногласната одлука на лидерот на Европската унија, тој на својот канал на Твитер напиша: „Иднината на Украина лежи во ЕУ“.

Процесот на пристапување во Европската Унија не мора да води кон целта – понекогаш завршува во ќорсокак. Најдобар пример за тоа е Турција. Таа земја доби статус на кандидат во 1999 година, преговорите со ЕУ беа отворени во 2005 година и оттогаш практично не се помрднуваат од мртва точка.

И Северна Македонија, 17 години по добивањето кандидатски статус, чека и почеток на преговори. Поради бугарската блокада во овој момент не е сигурно кога тоа воопшто би можело да се случи. Ниту на вчерашниот самит ЕУ-Западен Балкан на кој на маса беше францускиот предлог за надминување на спорот Софија-Скопје и укинување на бугарското вето не беше постигнат напредок. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски го отфрли предлогот истакнувајќи дека во актуелната форма тој е неприфатлив.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Во тајната, проширена руска лабораторија за биооружје

Во тајната, проширена руска лабораторија за биооружје

Малку забележаните видео снимки прегледани од рускиот сервис на РСЕ фрлаат светлина врз таен воен …