Избори

Избори за советници во Тетово, во Маврово-Ростуше и Центар Жупа за градоначалници

Избори денеска се одржуваат во општините Тетово, Маврово-Ростуше и во Центар Жупа. Граѓаните на Тетово гласаат на вонредни избори за советници, откако во мај годинава Владата го разреши тетовскиот Совет.

Во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа се одржуваат нови избори за градоначалник, бидејќи на претходните немаше потребна излезност за да се постигне цензус.

Во Тетово утринава започна гласањето во сите 117 избирачки места за членови на Совет. Од Општинската изборна комисија (ОИК) информираат дека гласањето се одвива без проблеми, .

„Во сите избирачки места гласањето е започнато и се одвива во најдобар ред“, вели Назми Даути – секретар на ОИК Тетово.

Во Центар Жупа на овие избори има само еден кандидат за градоначалник, додека во Маврово и Ростуше двајца кандидати.

За изборите за градоначалник да бидат успешни, односно да биде постигнат цензусот, потребно е на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи.

Во овие две општини гласањето се повторува поради недоволна излезност на гласачите на претходните избори.

Во Маврово и Ростуше евидентирани се 9.948 гласачи на 39 избирачки места, а во Центар Жупа 7.145 на 16 избирачки места.

Во избирачкиот список за Општина Тетово се евидентирани 84.071 гласач кои во текот на денот ќе може да го остварат правото на глас.

За 31 едно место во Советот на Општина Тетово доверба од гласачите бараат дури 403 кандидати од 13 кандидатски листи.

На овие избори Тетово треба да добие нов состав на Советот, откако досегашниот, кој беше избран на локалните избори во октомври 2021 година, прекина да функционира во април поради немање мнозинство.

Во мај годинава Владата го разреши тетовскиот Совет, по што беше донесена одлука за нови вонредни избори.

Овие избори ќе ги следат 49 акредитирани набљудувачи од една домашна и една странска организација.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …