Изборна трка со ѓаволот

Изборна трка со ѓаволот

Пишува: Зоран Милошески

А колку би било поинаку кога болката би ја чувствувал и тој што ја предизвикува…

„Последните селани“, Петре М. Андреевски

Речиси три децении ја живееме еврејската клетва „Да даде господ да живееш во интересни времиња“. Нашите, македонските интересни времиња, се бурни времиња. Времиња исполнети со создавање сопствена држава, неизвесност, воени конфликти, стравови, кризи, политички пресврти, автократија, режим, пљачка на државниот буџет, партиско лицемерие, профитерство, непотизам од екстремни размери, организиран криминал, лаги и измами.

Нереално беше да се очекува дека подигнувањето на нивото на граѓанската свест и демократските вредности, наспроти државите и народите кои со векови ја граделе таквата традиција, ќе успееме да го направиме за триесетина години. И затоа не е за изненадување што секои нови избори, како „сомови“ голтаме по некоја нова изборна лага и наседнуваме на стари изборни трикови. Од нас – толку. Од некои идни генерации – повеќе.

Паметам многу и паметам долго, ама на толку валкана и гнасна кампања како последната, не можам да се сетам. Не дека претходните изборни циклуси поминале во скандинавски стил, но со овие, неодамна завршените, го допревме дното.

И, да нема дилема: главни промотори на сите црнила, на сета зла крв, сета злоба која се посеа, беа Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ!

Затоа, сам по себе се наметнува заклучокот дека учеството во изборна кампања во која партиципиенти се и мицковци, е исто што и трчање изборна трка со ѓаволот. Кому единствената и безалтернативна цел му е да стигне во пеколот. Оти само таму може да биде свој на своето. Свој меѓу своите.

Нема да се навраќам на сето она што во форма на лажни вести, клевети и лични дисквалификации беше пласирано преку разни портали, лажни профили, платени фејсбук плукачи и куртонски новинари. Сето тоа е вредно за заборав.

Она што е пострашно, е дека во трката по пратеничкиот мандат, која водени од поривот за власт, моќ и пари, многумина ја доживеаја како прашање на живот или смрт, бескрупулозно и без ронка грижа на совест се сквернавеа честа и угледот на цели семејства. Се кажаа зборови кои сечат подлабоко од било кој меч. Со тоа што „мечувалците“ не разбрале дека кој со меч се играл, од меч и загинал!

Опседнатоста на лузерот Мицкоски со „ликот и делото“ на Заев, беше сеприсутна и сегдевидлива. Меѓутоа, не само што со глупавата кампања и уште поглупавите видео спотови ги дистанцираа од себе независните гласачи, туку со тоа им помогнаа на граѓаните да се уверат во она што владејачката СДСМ цело време го тврдеше: дека ДПМНЕ не направила ниту еден исчекор од груевизмот. И дека она што како кадровска понуда го испорача преку кандидатските листи, беа неавторитетни и безлични извршители од истата идеолошка матрица востановена од злосторничкото здружување.

Мицкоски се коцкаше и – изгуби. Неговата убеденост дека со црна кампања и подбуцнувачка реторика, со став „ни жена ни риба“ по однос на Преспанскиот договор, без никаква програма и идеја што би правел со државата кога би ја презел власта, и сето тоа комбинирано со нагласениот партиски шовинизам кон сите останати етнички заедници во државата, не можеше да заврши никако освен со пораз.

Во приказната на Мицко дека примопредавањето на власта на 16 јули е готова работа, поверуваа и поранешните партиски и државни функционери на ДПМНЕ, криминалци со тапија и со одземени патни исправи. Таа полуписмена партиска багра, која е срам за државата и партијата, преку малоумни писанија во куртонските портали прогнозираше победа со освоени минимум 55 пратенички мандати. Тврдеа дека, на пример, во Прилеп имаат бетонирана победа со разлика од 3-4.000 гласови, за да на крајот поминат како „пците на Василица“. И во Битола ќе победуваа… исто како во Струмица и Куманово. Стари рекле „не умри коњу до зелена трева“.

СДСМ ќе формира Влада, Заев ќе биде старо-новиот премиер, а почетокот на распадот на системот во ДПМНЕ ќе се случи истиот ден кога Собранието ќе го изгласа новиот владин состав. Првата работа која потоа ќе треба (ин)дискретно да ја завршат, ќе биде брзо и непристрасно расчистување со корумпираното „сваровски“ правосудство. Ветување кое Заев и СДСМ три години им го должат на граѓаните, а чие неисполнување можеше да ги чини губење на власта. Трета шанса за поправен испит на истата тема, нема да имаат.

И да не заборавам: Генералката во партиските редови, второто „ветено – неисполнето“, е нешто што јавноста го очекува со очи ширум отворени. Сега и веднаш!

Прочитајте повеќе

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев за неделникот „Фокус“ Извинете, згрешивме!? Почитувани граѓани, драги читатели, за многумина …