Изложба на Александар Џинго во ЦК „Марко Цепенков“

Изложба на Александар Џинго во ЦК „Марко Цепенков“

Утре, петок 31 август во 20.00 часот, во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе биде отворена изложба на дела од прилепскиот уметник Александар Џинго, кој ќе се претстави со дваесетина дела – колаж. Џинго реализирал самостојни и групни изложби, член е на ДЛУП, а учествувал и на повеќе ликовни колонии.

„Александар Џинго пронаоѓа замислени визуелни композиции и креативни идеи во музиката, костимографијата и графиката како повеќегодишен израз. Воопшто, истражува во празниот простор од каде што дејствува и трансформира, за на крај да обликува свои уметнички сцени. Џинго при создавањето на своите дела пристапува кон детална тематска, техничка и естетска анализа. Оттука произлегува структуралниот пристап кога се говори за неговото творештво.

Неговата интелектуална љубопитност создава препознатлив печат, а тоа е спојот на графичкиот дизајн и ликовната уметност. Авторот се определил за техниката – колаж како процес на екпериментирање, кој нуди неочекувани креативни резултати. Основната ликовна синтагма на овие уметнички дела е интеракција на колоритната хармонија и акустичноста на ликовите. Најнеограничената слобода е чистиот уметнички израз. Уметникот се чини дека намерно го прекинува обидот за дијалог на ликовите со публиката, тие одбиваат прашања, не нудат одговори, а изразите на лицата оддаваат рефлексии од сопственото искуство. Најмоќната метафора, кои овие дела успеваат да ја произведат е експрезионизмот добиен преку едноставна прочистена форма на линијата, префинетост на цртежот – наспроти колоритноста на светот во кои ги набљудуваме ликовите. Концептот е постоечки, авторот решил на ликовите кои ги прикажува да им ја одземе реалноста и во моментот кога некој ги  набљудува да им овозможи нова реалност. Желбата за идеализирана убавина на ликовите, како видлив атрибут на композициите е видлива преку лесно нагласените движења со кои се поставени контурите на фигурите, наспроти колоритната симбиоза на колажот. Во даден момент, просторот околу фигурата го редизајнирал не во слика, туку во претходно осмислен синхрон настан, кој се реализира во моментот на перцепција.

Во неговите дела секогаш, па и сега, е присутна постојана акумулација на сопствените идеи и потребата по целина. Ова холистичко поимање на светот кој го набљудува и овојпат успешно го претставил преку конструктивниот баланс на фигурите и просторот, како и нивната комуникација. Колажот е основна движечка сила во делата, а преку комбинирање на бои и материјали, успеал на фигурите да им даде живост, дефинираност и перфекционизам во новата реалност, каде што се затекнати. Авторот го оправдува тоа преку одлучната линија на цртежот и преку одличното познавање на илузија на текстура во визуелната уметност.

Таа интеракција, тој самодоволен дијалог меѓу фигурата и просторот, меѓу авторот и ликовите, кои херметички ги затворил во своите дела – концептуално нудат решение за создавање на нова реалност. Таа визуелна илузија симболизира впечаток дека ликовите се публика, а оние кои набљудуваат се автори. На тој начин и публиката се поистоветува со впечатокот на нивната провокативност, кој е еден од главните извори на феноменот – уметничка сензација во уметноста. Тој феномен за авторот е изразен преку боите како сензација, преку нивната димензија и симболично значење.

Целта и успешноста на овие дела е што миметички пријдуваме кон нив, бараме убавина, која лесно и одамна е заборавена, бараме начин да се набљудуваме и препознаеме. Оваа изложба е обид да ја препознаеме провокативната идеја во ликовите на новата реалност, во која сега и ние сме активни истражувачи. Преку физичките и оптичките квалитети на овие ликовни дела треба да препознаеме прототипна, чиста изворна форма, сеуште без влијанија – а тоа е идејата за убавина, која постои сама за себе“.

Текст на Оливера Богатиноска

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …